Вести
Истанбул, Париз, Виена и Будимпешта најбарани за Нова Година, аранжманите малку поскапи од лани
Истанбул, Париз, Виена, Прага, Будимпешта и Рим се дестинациите каде Македонците сакаат да ја дочекаат Новата 2026 година. Туристичките агенции се задоволни од интересот, иако годинава аранжманите се за нијанса поскапи од лани. Се нудат автобуски и авионски превоз, а цените на аранжманите зависат од сместувањето до времетраењето на патувањето.
Туристичките агенции што ги контактираше МИА велат дека интерес има за секоја дестинација и дека аранжманите се речиси полни, а оние што патуваат со автобус веќе се тргнати. Аранжманите, како што посочуваат, се малку поскапи од лани, но сепак прилагодени за домашниот џеб.

Агенциите посочуваат дека веќе се заминати автобуси за Виена, Милано, Прага, Истанбул и за Азурен брег, а се реализираат и авионските тури за Истанбул.
Во европската метропола на културата Прага со посета на Карлови Вари, Дрезден и Виена може да се патува за 279 евра со вклучен автобуски превоз за шест дена.
Агенцииите за Нова Година го нудат и Милано, центарот на модата, за цена од 269 евра со автобуски превоз и три ноќевања во хотел со четири ѕвезди. Во аранжманот е вклучена и посета на Лугано (швајцарското Монте Карло) и на Комо.

Познатата и неодолива Виена која секогаш е на мапите на туристичките агенции за Нова Година, може да се посети за цена од 219 евра со вклучен автобуски превоз и посета на Братислава.
Будимпешта, кралицата на Дунав, исто така е дел од новогодишната програма. Цената на аранжманот е 279 евра за шест дена со вклучен автобуски превоз и сместување во хотел со три ѕвезди.
Петдневен аранжман за околу 300 евра има и за Азурен брег со посета на Ница, Кан, Монте Карло, Монако и вклучен автобуски превоз.
Новогодишниот петдневен аранжман за Рим чини околу 600 евра со вклучен авионски превоз со хотелско сместување, а за Париз – градот на светлината цената за четири ноќи е околу 650 евра.

Како новогодишни понуди се и патувањата за најлудата ноќ во годината во Атина за околу 200 евра со вклучен автобуски превоз, како и аранжманите во соседна Србија, Црна Гора и Бугарија. Годинава, интересна за новогодишната ноќ е и Будва.
Истанбул, градот кој лежи на два континента и кој е магнет за туристите, и годинава е на новогодишната понуда на речиси сите туристички агенции. Аранжманите се со автобуски или авионски превоз.

Новогодишниот пакет за Истанбул чини 426 евра за четири дена, три ноќи со вклучен авионски превоз и сместување во хотел со четири ѕвезди. Понудите со автобуски превоз се движат во просек околу 200 евра во зависност од аранжманот.
јануари 2, 2026


