Општини
Бистра, првото новороденче во Битола
Првото новороденче во Битола е женско и ние како родители одлучивме да се вика Бистра, истакна мајката Елена Бојковска, првородка од Битола.
Мајките на првите нови жители на Битола во новата 2026 година, во битолската Клиничка болница ги посети градоначалникот Тони Коњановски кој им врачи пригодни подароци и им честиташе за новороденчињата.
-Јас сум Елена Бојковска, прворотка, имам 30 години, а бебето ќе се вика Бистра. Одлично се чувствувам и радосна сум. Породувањето мина очекувано и без проблеми, супер беше, изјави кратко Елена, мајката на Бистра.

Во првиот ден од новата година во ЈЗУ Клиничка болница-Битола се роди и Петар, новороденче на мајката Јована Стојчевска.
-Мајката Елена се породи со царски рез во 02:50 часот, и роди здраво женско бебе. Породувањето беше во најдобар ред, операцијата беше одлична, мајката и новороденчето по оперативниот период се во добра општа состојба. Второто бебе е машко, Петар, а мајката Јована Стојчевска на свет го донесе во 04:20 часот, исто така со операција царски рез, посочи гинекологот Тихомир Велевски.
Општина Битола ја негува традицијата и на првиот ден од новата година славиме за прекрасен повод, за првите нови жители на нашиот град, истакна градоначалникот Тони Коњановски за време на посетата во ЈЗУ Клиничка болница.
-Битола доби два нови жители, две малечки души, две бебиња. Првото е женско, се вика Бистра и се надевам дека ќе ни ја избистри годината пред нас, а второто бебе е Петар. На мајките им посакав среќен живот и секако уште многу дечиња, посочи градоначалникот Коњановски.
јануари 2, 2026


