Connect with us

Скопје

Општина Кисела Вода го донесе Буџетот за 2026 година, вреден 1.578.271.060 денари

Со 17 гласа „за“ и седум „против“, Општина Кисела Вода го донесе Буџетот за 2026 година, вреден 1.578.271.060 денари, со силна развојна компонента со доминантен фокус на капиталните инвестиции и подобрување на квалитетот на живот во општината, соопшти попладнево општинската прес-служба.

Градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска, презентирајќи го буџетот пред Советот, истакнала дека отчетноста и транспарентноста биле водечки принципи во неговата подготовка, при што секој предлог од граѓаните бил разгледан и најдобрите идеи се вградени во планот за 2026 година. Во основниот Буџет, кој изнесува 864.233.262 денари, 57 проценти, се наменети за капитални инвестиции. Средствата се насочени кон изградба и реконструкција на улици и коловози, подобрување на водоснабдувањето и одведувањето отпадни води, како и изградба и реконструкција на училишта и детски градинки. Дополнително, преку јавните повици на Владата, општината реализира 24 капитални проекти во вредност од 496 милиони денари, од кои најголем дел се во напредна фаза.

-Буџетот за 2026 година е креиран заедно со граѓаните и е воден од принципите на рационално трошење, висока транспарентност и одговорност. Најголемиот дел од средствата ги насочуваме кон капитални инвестиции, затоа што тие носат трајни и видливи промени во секојдневието на нашите сограѓани, истакнала градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.

Од Општина Кисела Вода информираат дека Буџетот предвидува и значителни средства за заштита на животната средина, изградба на паркови и зголемување на зелените површини, како и мерки за социјална сигурност, субвенции за енергенси, поддршка за новороденчиња, матуранти и пензионери, како и финансиска поддршка за ученици кои постигнуваат високи резултати во науката и спортот.

– Со донесувањето на Буџетот за 2026 година, Општина Кисела Вода ја продолжува развојната насока кон модерна, транспарентна и одговорна локална самоуправа, со јасна визија за подобар живот на сите граѓани, се вели во соопштението

Ad 2
Маркетинг
Маркетинг
Ad 4
Ad 5