Економија
Димитриеска-Кочоска: Новата 2026 година ја пречекуваме со стабилизирани јавни финансии и поголема економска сигурност
Годината што ја оставаме зад нас беше година на сериозна работа, внимателни одлуки и јасна цел – стабилизирање на јавните финансии и заштита на економската сигурност на државата и на граѓаните. Во 2026 година продолжуваме со одговорно управување со јавните финансии, поддршка на економскиот раст и создавање услови за нови инвестиции. Ова го порача министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во своето новогодишно обраќање:
Почитувани граѓани,
На крајот од оваа година сакам искрено да ви се заблагодарам за трпението, довербата и одговорноста што сите заедно ја покажавме во период исполнет со предизвици.
Годината што ја оставаме зад нас беше година на сериозна работа, внимателни одлуки и јасна цел – стабилизирање на јавните финансии и заштита на економската сигурност на државата и на граѓаните.
Со одговорно управување, дисциплинирана фискална политика и контрола на јавната потрошувачка успеавме да ги стабилизираме јавните финансии.
Го задржавме дефицитот под контрола, ја зачувавме ликвидноста на Буџетот и ја зајакнавме довербата во финансискиот систем.
Паралелно, инвестиравме одговорно – во здравството, образованието, инфраструктурата и во капиталните проекти што ја зајакнуваат економијата и го штитат животниот стандард на граѓаните.
Овие резултати не се случајни. Тие се плод на јасна визија, на тешки, но неопходни одлуки и на заедничка посветеност кон стабилноста и одржливоста.
Годината што доаѓа ја пречекуваме со поголема сигурност. Следната година ќе биде поодржлива и постабилна – со продолжување на фискалната консолидација, поддршка на економскиот раст и создавање услови за нови инвестиции. Нашата цел е стабилни јавни финансии што ќе бидат основа за подобар животен стандард и предвидлива иднина.
Верувам дека со одговорност, солидарност и заедничка работа ќе продолжиме да градиме економија што е силна, отпорна и во служба на граѓаните.
Денес можам уверено да кажам – Македонија влегува во новата година постабилна, поорганизирана и со значително посилни темели отколку на почетокот на оваа година. Финансискиот сектор останува ликвиден и стабилен, а довербата на меѓународните партнери ја потврдува исправноста на насоката по која се движиме. Во годината што доаѓа ќе продолжиме со иста решителност – со одговорно управување со јавните финансии, поддршка на економскиот раст и создавање услови за инвестиции и развој.
Драги граѓани,
ова е време за благодарност, за надеж и за нови почетоци. Ви посакувам годината што доаѓа да ви донесе здравје, мир, лични успеси и дом исполнет со радост.
Јас ќе продолжам да работам одговорно и со целосна посветеност кон нашата држава – за стабилна Македонија, за сигурна иднина и за подобар живот за сите.
Среќна Нова година и нека 2026 биде година на напредок и спокој за секој дом!



