Општини
Прогласени најдобрите работници од Крива Паланка за 2025 година
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, денеска ги додели традиционалните признанија за најуспешните и најпосветените работници во општината за годинава што изминува.
За најуспешен пожарникар беше прогласен Марио Митовски од Територијална противпожарна единица Крива Паланка, Дејан Илиевски од одделението за внатрешни работи, полициска станица од општа надлежност Крива Паланка доби признание за најуспешен полициски службеник за 2025, најуспешен комунален работник, Невзат Незиров од ЈП „Комуналец”.
Признанието најуспешен здравствен работник ѝ припадна на Весна Милошевска од Здравствен дом „Димитар Арсов”, најуспешен негувател, Јагода Петковски од ОЈУДГ „Детелинка”, а најуспешен земјоделец за 2025 година е Страшко Николовски.
– Овие признанија се израз на длабока почит и благодарност за нивната несебична посветеност, пожртвуваност и висок степен на одговорност.Со нивната секојдневна работа придонесуваат за подобрување на безбедноста, здравјето и благосостојбата на граѓаните, за заштита на околината и чистотата на нашата заедница, воспитување на децата и одржување на локалната економија. Нивниот труд е вистинска инспирација и доказ дека професионалноста, хуманоста и посветената работа се темел на едно подобро и посилно локално општество, рече Митовски.
Тој упати честитки до сите наградени и посочи дека тие се локални херои на заедницата.
декември 30, 2025


