Регион
ЕУ: Изборите во Косово покажаа силна посветеност на демократските принципи
Вчерашните предвремени парламентарни избори на кои жителите на Косово го остварија своето демократско право на глас покажаа силна посветеност на демократските принципи, при што беше забележливо активното учество на сите заедници и нивните политички партии во изборниот процес, се наведува во заедничката изјава на високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас и еврокомесарката за проширување Марта Кос.
– По политичкиот застој по изборите во февруари 2025 година, со нетрпение очекуваме брзо формирање на новото Собрание и Влада и продолжување на нашиот ангажман со властите. Новата влада треба да ги удвои своите напори за многу потребните реформи поврзани со ЕУ, се наведува во изјавата на Калас и Кос по повод вчерашните парламентарни избори во Косово.
Претставничките на ЕУ го повикаа новото косовско Собрание, по конституирањето, да ги ратификува договорите поврзани со Планот за раст за Западниот Балкан, бидејќи, како што наведоа, во интерес на Косово е ратификацијата да се изврши што е можно поскоро за целосно да се искористат сите можности што ги нуди овој инструмент во полза на косовското население.
– Нормализацијата на односите меѓу Косово и Србија, олеснета од ЕУ, продолжува да биде единствениот начин двете земји да постигнат напредок на нивниот европски пат. Очекуваме сите обврски што произлегуваат од Договорот за патоказот кон нормализација, како и сите претходни договори од дијалогот, да бидат спроведени без понатамошни одлагања или предуслови. ЕУ е подготвена да биде домаќин на состанок на високо ниво откако ќе се создадат услови за тоа, се додава во изјавата.
Калас и Кос нагласуваат и дека ЕУ работи на укинување на казнените мерки кон за Косово, потсетувајќи дека по уредното пренесување на власта во локалните самоуправи по неодамнешните локални избори, беа ослободени 216 милиони евра финансиска помош.
– Исто така, имаме намера да ослободиме дополнителни 205 милиони евра на почетокот на следната година, се нагласува во изјавата.
Во неа се потсетува и дека Европската Унија формираше Експертска изборна мисија (ЕЕМ), која ќе остане во Косово за да ги следи постизборните процедури.
декември 30, 2025


