Вести
Собранието усвои неколку закони
Денеска, Парламентот одржа продолжени сесии на три пленарни заседанија, на кои беа одобрени повеќе законски предлози. Во рамките на 75. седница, Собранието донесе одлука за Предлог-законот за ратификација на Дополнителниот протокол 7 за решавање спорови на Договорот за изменување и пристапување кон Централноевропскиот договор за слободна трговија. Исто така, беше усвоен и Предлог-законот за задолжување на Република Северна Македонија со заем од Европската банка за обнова и развој за финансирање на проектот „Обновување на товарниот возен парк“ на Железници на Република Северна Македонија-Транспорт АД Скопје.
Дополнително, беа одобрени и Предлог-законот за изменување на Законот за данокот на додадена вредност, Предлог-законот за дополнување на Законот за лековите и медицинските средства, Предлог-законот за изменување на Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, Предлог-законот за изменување на Законот за административни службеници, како и Предлог-законот за изменување на Законот за платежни услуги и платни системи. Сите овие предлози беа разгледани по скратена постапка.
Парламентот ја заврши расправата за Ревидираната фискална стратегија на Република Северна Македонија за периодот 2026-2030 година.
Пратениците ја одобрија и ратификацијата на Договорот за соработка во областа на одбраната помеѓу Владата на Француската Република и Владата на Република Северна Македонија, која претставуваше последна точка од дневниот ред на 72. пленарна седница. Беше усвоен и Предлог-законот за ратификација на Договорот помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Бугарија, што се однесува на подготовката, изградбата и функционирањето на меѓуграничниот железнички тунел.
Пратеникот на Алијансата за Албанците, Ријад Шаќири, во процедурално обраќање истакна дека материјалите не им се достапни на албански јазик. „Пред малку ги добивме извештаите на работните тела само на македонски јазик. Само да го демантирам претседателот на Собранието кој што вели дека материјали освен на македонски се доставуваат и на албански јазик. Сега го донесоа, но не навреме и на албански јазик. Затоа, треба истовремено да се доставуваат и на македонски и на албански јазик“, рече Шаќири.
Потпретседателката на Собранието, Весна Бендевска, одговори дека сите материјали преведени на албански јазик се доставуваат навреме преку е-парламент. Таа потенцира дека како потпретседателка ќе побара материјалите да не се доставуваат во хартиена форма во салата, ниту на македонски, ниту на албански јазик.
„Ќе ве замолам да бидеме прво колегијални, во отсуство на претседателот вие се повикувате на негова доследност или недоследност, што покажува дека не сте коректни. За волја на вистината и самиот кажавте во вашата забелешка дека веќе ви се доставени во хард копија на хартија преведените документи. Но, пред да бидат ставени, треба и вие и цела јавност да знае дека на е-парламент веќе пред извесно време се доставени соодветно преведените документи. Затоа, ве замолувам за коректност. Конечно принтањето на документите и носење во сала, за мој вкус, е трошење на хартија. Сите должиме лаптопи, сите сме приклучени на е-парламентит. Јас искрено како претседателка ќе барам не само преводите на албански, туку и на македонски да не бидат доставени во хартиена форма. Ова е само трошење хартија. Ние имаме и Министерство за дигитална трансформација. Време е да се приспособиме и прилагодиме на новите услови“, рече Бендевска.
Шаќири ѝ одговори на Бендевска дека се согласува со нејзе во однос на потребата од елиминирање на хартиената форма на документи во време на модерната технологија. Сепак, тој подвлече дека додека материјалите на македонски јазик пристигнуваат до пратениците во печатена форма, истовремено и преведените материјали на албански треба да бидат навремено достапни.
декември 27, 2025


