Култура
Отворена археолошка изложба на камени споменици „Memento vivere“
Народниот музеј синоќа во Ликовниот салон во Велес свечено ја отвори археолошката изложба на камени споменици „Memento vivere“ на која е претставен само дел од нивната богата збирка со околу 100 камени споменици.
Анита Василкова-Мидоска, кустос, советник археолог од оваа установа е авторка на изложбата на која преку археолошки предмети и фотографии се презентирани најзначајните примероци од оваа збирка што соджи архитектонски елементи, релјефи и камена пластика.
Василкова-Мидоска информираше дека нивната археолошка зборка изобилува со камени споменици кои опфаќаат широк регион на Повардарието – од Велес па се до гевгелиско-валандовско-дојранскиот простор.
-Ова не е случајно затоа што во своето формирање нашата институција била околиски Музеј под чијашто надлежност било целото Повардарие. Токму затоа оваа збирка претставува рефлексија на културните текови и трендови во минатото на една од најфреквентните патеки на промени, настани и историски моменти. Таа може да се разгледува и низ призмата на уметноста, но и низ призмата на епиграфските сведоштва кои откриваат цели светови на фамилијарни врски, професии, верувања и традиции, појасни Василкова-Мидоска.
Посочи дека од мноштвото имиња кои се среќаваат на спомениците, голем дел од нив се т.н. епихорски имиња карактеристични за овој регион кои со себе ја носат традицијата на пајонското и македонското кралство.
Како што рече авторката, преку уметничкиот израз и преку епиграфските сведоштва може да се открие и светот на римските освојувачи и нивната тенденција за наметнување на уметничките трендови, па дури и употребата на латинските имиња.
Василкова-Мидоска и нејзините колеги на збирката работеле од 2017 година, преку процесите на заштита, реставрација и конзервација. Соопшти дека следната година ќе биде публикувана монографија во која стручно и научно ќе биде презентирана целокупната збирка.
Изложбата со археолошката збирка ќе биде отворена за посетителите на Ликовниот салон во Велес во текот на јануари и февруари 2026 година. ЛУ Народен музеј соопшти дека таа е и увертира на големиот јубилеј – 80 години музејска дејност во Велес.
декември 26, 2025


