Општини
Зголемен е бројот на заболени дечиња во болницата во Куманово
Во кумановската болница на детското одделение хоспитализирани се 35 дечиња, информираа денеска педијатрите од установата. Поголем дел се со температура, грип, компликации од респираторни вирози, бронхит и бронхопневмонии.
– Најмалото пациентче е доенче, три недели, две деца сè со потешка клиничка слика, едното е на кислородна терапија, другите се стабилни и се надевам дека пред празниците ќе си бидат во домовите, изјави началничката на одделението, д-р Маргица Арсовска.
Во дневната болница се лекуваат 80 деца со полесна клиничка слика.
– Тука се и сограѓаните кои празниците ги поминуваат дома, а се на привремена работа во странство. Зголемен е обемот на работа особено во ноќните часови. Обично а се жалат и на стомачен вирус, температура, изјави д-р Арсовска.
Лекарите советуваат родителите да не ги носат заболените деца во градинка на училиште, по собири каде има масовно присуство. Храната треба да е богата со витамини, минерали и да е свежо подготвена.
– Доколку се настинати и болни со симптоми на настинка, грип, температури, кашлица да не посетуваат градинка, затоа што во моментот се актуелни респираторни инфекции, кои се преносливи по капков пат и најбрзо се шират во вакви колективи. Да не посетуваат кога се болни, да се задржуваат дома, да се стабилизира состојбата и здрави да посетат градинка, училиште, повика д-р Арсовска.
Одделението е добро екипирано и може да понуди здравствена нега за најмалите од општините од североистокот.
декември 24, 2025


