Општини
МОН воведе ромски образовни медијатори и во средното образование
Откако минатата учебна година беше зголемен бројот на ромски образовни медијатори во основното образование од 40 на 50 лица кои им помагаат на младите Роми да се вклучат во воспитно – образовниот процес и да нема осип на ученици од училиштата, оваа година за прв пат, Министерството за образование и наука воведе ромски образовни медијатори и во средното образование.
Преку јавен повик беа одбрани 20 лица кои ќе работат со средношколци од ромската етничка заедница во надминувањето на образовните и други предизвици со кои тие се соочуваат во секојдневието. Тие денес ги потпишаа договорите за работен ангажман и се сретнаа со министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска која изрази благодарност за нивната желба и подготвеност да се вклучат во заложбите за подигнување на инклузивноста на националниот образовен систем и им посака успех во работата.
„Имаме голем успех со ромските образовни медијатори во основното образование. Очекувам и вие да бидете ефикасни во работата, која е многу благородна. Разговарајте со родителите, градете добар однос со училишните служби, вклучувајте ги во училиштата оние кои не се на настава и помагајте им во образувањето и во остварувањето на сите други права. Важно е да имаме што поедуцирано население, бидејќи знаењето е основната алатка за успех“, рече Јаневска, додавајќи дека во тек е јавен повик за ангажирање на дополнителен број медијатори.
Министерката посочи дека зголемувањето на инклузијата на децата Роми во основното и во средното образование е програмска определба на Владата и затоа, освен поддршката преку образовните медијатори, заложбата за спречување на дискриминацијата и сегрегацијата, се зголемува и поддршката преку стипендирање на нивното образование.
декември 24, 2025


