Култура
Велешката гимназија „Кочо Рацин“ одбележа 168 години постоење
Гимназијата „Кочо Рацин“ од Велес синоќа со свеченост во салата на велешкиот театар одбележа 168 години од своето постоење. Основана е во далечната 1857 година, а се поврзува со учителствувањето на Јордан Хаџи Константинов – Џинот, и е прва во земјава каде започнало повисоко образование од основното.
На свеченоста пред присутните се обрати директорот Илија Попов кој потенцира дека јубилејот е значан за нив, но и за Велес кој е град на културата и град кој со векови бил носител – лулка на образованието.
-Од 1857 година во Велес било формирано училиште што организирало повисоко образование од основното. Од тогаш започнуваат почетоците на институцијата која ќе стане синоним за квалитетно образование и интелектуален развој. Низ децениите Гимназијата го делела судбинскот пат на народот. Го преживеала Османлискиот период, Илинденското востание, Балканските и двете Светски војни. Во неа се образовале генерации што подоцна низ цела Македонија ги ширеле писменоста, свеста и знаењето. Почетоците на Гимназијата се поврзани со дејноста на Јордан Хаџи Константинов-Џинот како одговор на потребата на младите велешани да добијат повисоко образование. Со растот на градот растела и Гимназијата менувајќи ги своите простории, но никогаш и својата мисија. Особено значајно во историјата на Гимназијата е учебната 1945/46 година кога наставата за првпат започнува на мајчин македонски јазик,а истата година Наставничкиот совет донел одлука Гимназијата да го носи името на Кочо Рацин. Со нашето чествување ние не му оддаваме само почит на поетот, туку и на вредностите што тој ги живеел и оставил во аменет, потенцира Попов.
Тој воедно, им оддаде почит на сите наставници и ученици кои учеле во оваа Гимназија и потенцира дека да се биде нејзин ученик е чест да си дел од една долга и вредна историја. Како директор со почит кон минатото, тој вети дека ќе продолжи да работи на зачувување на Гимназијата и нејзиното понатамошно унапредување во интерес на учениците, наставниците и заедницата.
На свеченоста настапи хорот и оркестарот под водство на професорот Атанас Зафиров со химната на Велес и химната на Гимназијата „Денови“ по текст од нивниот патрон и други песни по стихови од Рацин.
Програмата беше заокружена со премиера на претставата „Женидба“ од Гогољ во изведба на учениците, кои добија долги и силни аплаузи од бројната публика во салата на Театарот во Велес. Во холот на Театарот беше поставена и ликовна изложба од учениците на тема Мајката на Рацин.
Инаку на претставата „Женидба“ по текст од Гогољ со учениците работеа професорките по македонски јазик: Цветанка Карамаркова, Весна Павлова, Магдалена Сарагинова и Александра Стојановска, сценографијата е на професор Јулијана Стумбова, а музиката на професор Атанас Зафиров.
Во претставата со голем успех настапија учениците: Кристојан Мартинов,Изабела Жабева,Теодора Панова, Лана Басаров,Марио Заеков,Матеј Славевски,Сергеј Рушков,Ива Ракиџиева, Марко Стојановски, Катја Зафирова, Јована Петрушевска, Берфин Тафоска,Марија Симоновиќ и Лана Ракиџиева.
декември 23, 2025


