Скопје
Стаменкоска Трајкоска: Од 28 декември „Новогодишна приказна“ во паркот „Шопен“ во Кисела Вода
Од 28 до 30 декември во паркот „Шопен“ во општина Кисела Вода ќе се одржува манифестацијата „Новогодишна приказна“. Ќе настапат македонските музичари Антониа Гиговска, Либеро бенд, Миле Кузмановски со бенд, Ди Џеј Марио со труба, Игор Димовски и бендот „Пауза за ракија“, Оле Поцкова од „Зевзекманија“ со монодрама, напишана од Трајче Кацаров, Бока Конга и Боби Сакс.
– Општина Кисела Вода навистина се грижи за граѓаните и организираме предновогодишна забава за заедно да почнеме со убава атмосфера и да ги пречекуваме новогодишните празници. За таа цел од 28 до 30 декември во паркот „Шопен“ организираме три дена новогодишни случувања со богата новогодишна програма, каде ќе учествуваат само македонски изведувачи, соопшти градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска на денешната прес-конференција во Домот на култура „Билјана Беличанец“.
Таа истакна дека на 31 декември ќе се приклучат на новогодишната прослава на плоштадот „Македонија“, организирана од Град Скопје.
– Заедно со Градот и другите општини, по личен избор, да учествуваме во новогодишната атмосфера. Да им посакам на граѓаните да имаме убави новогодишни празници, рече Стаменкоска Трајкоска.
Изведувачите ја повикаа публиката да дојде на манифестацијата и да ужива во македонска музика.
– Првпат ќе настапам во Кисела Вода, а чувството е преубаво кога настапуваш пред својот народ. Ќе дадам се од себе за да направиме најдобра забава и очекувам да дојдат сите, од 7 до 77 години, истакна Гиговска.
Водител на манифестацијата ќе биде Миро Кацаров, кој нагласи дека програмата е внимателно осмислена за сите генерации.
За најмладите на 30 декември е предвидена програма со музички точки од градинките „8 Март“ и „Весели цветови“, претстава со Дедо Мраз на Театар „Отпишани“, доделување пакетчиња, мини-концерт на училишните бендови од ООУ „Круме Кепески“ и „Невена Георгиева – Дуња“. Бесплатни новогодишни пакетчиња ќе добијат сите дечиња од општина Кисела Вода.
Паркот „Шопен“ ќе биде празнично уреден, со поставени новогодишни куќички, каде ќе се нудат топли пијалаци и празнична храна.
декември 23, 2025


