Connect with us

Скопје

Реконструирани спортските игралишта во студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје

Министерот за спорт Борко Ристовски и градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, денеска официјално ги пуштија во употреба целосно реконструираните спортски игралишта во студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје.

Проектот е реализиран во соработка меѓу Министерството за спорт и Општина Карпош, по барање на студентите, а со него е извршена комплетна санација и уредување на просторот за спорт и рекреација во најголемиот државен студентски дом. Студентите добија современи фудбалски и кошаркарски игралишта со полипропиленска подлога, изработени според современи стандарди.

Министерот Ристовски ја нагласи добрата соработка на Министерството за спорт со локалната самоуправа во реализацијата на овие инфраструктурни проекти кои овозможуваат активен и здрав живот на сите граѓани, особено на младата популација.

– Заедно со градоначалникот Лукровски го реализиравме овој проект со што значително ќе се подобри инфраструктурата на ова спортско игралиште во состав на студентскиот дом „ Гоце Делчев“. Секако приоритет за ползување на истото, ќе имаат студентите од овој студентски дом, но и сите карпошани. Затоа, јас како министер и ние како Министерство и во иднина постојано ќе се заложуваме и ќе инвестираме во подобрување на условите за спортските активности, нагласи Ристовски.

Ристовски и Лукровски се согласија дека успешната соработка меѓу локалната самоуправа и ресорното министерство ќе продолжи и во иднина, со тоа што ќе се работи на подобрување на севкупната спортска инфраструктурна мрежа на територијата на Општината.

Реконструкцијата на спортските игралишта во СД „Гоце Делчев“ е уште еден реализиран проект од програма на Министерството за спорт за изградба и реконструкција на спортската инфраструктура низ целата држава, со цел подобрување на условите за спорт, рекреација и активен начин на живот.

За подобрување на условите за универзитетскиот спорт и за студентите, Министерството за спорт ја почна и постапката за реконструкција на спортската сала во кампусот на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје што ја спроведува во соработка со ректоратот на УКИМ.

Реконструкцијата на салата на УКИМ, како што информираат од Министерството, треба да биде завршена во текот на наредната година и таа одново ќе биде ставена на располагање на над 4000 студенти за спроведување на наставата и за одржување на други спортски активности.

Ad 4
Маркетинг
Маркетинг
Ad 4
Ad 4