Регион
На антивладиниот протест во Тирана повредени тројца полицајци и еден фоторепортер
Албанската полиција објави дека на синоќешниот протест на опозицијата во Тирана полесно се повредени тројца полицајци и еден фоторепортер.
– Досега идентификувани се 11 граѓани, кои фрлаа молотови коктели кон полицијата и зградата на Владата, при што четворица се уапсени, а против другите седум, меѓу кои и едно малолетно лице, се води постапка. Кривична пријава е поднесена против лицето Е.М. организациски секретар на политичкиот субјект Демократска партија, бидејќи во својство на организациски претставник на овој субјект, тој не ги исполни обврските за идентификување на лицата одговорни за непречено одвивање на протестот, се наведува во полициското соопштение.
Истражна група продолжува да работи на идентификување на други граѓани кои извршиле незаконски дејствија за време на протестот.
Синоќа пред Владата во Тирана, во организација на Демократската партија, беше одржан протест. Според организаторот протестот е почеток на историската мисија за уривање на „нарко владата на Рама, формирање техничка влада и спроведување слободни избори“. Додека се обраќаше лидерот на демократите, Сали Бериша, демонстрантите фрлаат молотови коктели и пиротехнички средства, поради што мораше да интервенира и противпожарно возило.
декември 23, 2025


