Connect with us

Регион

Грција ќе набави 23 нови возови до 2027 година

Набавка на нови 23 возови и инвестиции во нови депоа, како и во надградба и дигитализација на системите, предвидува ревидираниот договор меѓу Грција и компанијата „Hellenic Train“ во вредност од 420 милиони евра, со период на реализација до 2027 година, јави дописничката на МИА од Атина.

Од Министерството за транспорт и инфраструктура на Грција соопштија дека 308 милиони евра се однесуваат на набавката на новите возови, а останатите 112 милиони за новите депоа и надградба на системите и посочија дека станува збор за „најголемата приватна инвестиција што некогаш е реализирана во копнениот транспорт на земјата и за првата набавка на нови возови од предолимпискиот период во 2004 година“.

Во рамките на обновувањето на возниот парк, во грчката железничка мрежа ќе се вклучат 23 нови електрични возови од типот „Coradia Stream“, што располагаат со низок под и влез без скали, зголемен капацитет, големи стаклени површини, лед осветлување, посебни простори за велосипеди, детски колички и голем багаж.

На ниво на безбедност и функционирање, целосно се интегрирани европските системи за контрола на сообраќајот и брзината, како и системот за централно управување со континуирано следење во реално време и можност за автоматски интервенции кога е потребно.

Возовите имаат максимална брзина од 160 километри на час, а 12 од вкупно 23 нови возови ќе сообраќаат на релација Атина – Солун, со што се очекува патувањето да трае помалку од три и пол часа.

Новиот договор се реализира, откако пред седум месеци, на 12 мај годинава, во присуство на премиерите на Италија и Грција, Џорџа Мелони и Кирјакос Мицотакис, беше потпишан меморандум за соработка меѓу грчката Влада и италијанската „Ferrovie dello Stato“, матичната компанија на „Hellenic Train“, со кој беше евидентирана намерата за нови инвестиции во возови, целосно на трошок на италијанската страна.

Ad 1
Маркетинг
Маркетинг
Ad 1
Ad 2