Connect with us

Општини

Димитриевски: Загадувањето во Куманово под контрола, но ризиците остануваат

Куманово повеќе не се вбројува меѓу најзагадените општини во државата, покажуваат податоците од мерните станици достапни на општинскиот сајт, информираше на последната прес-конференција градоначалникот Максим Димитриевски. Според него, состојбата со квалитетот на воздухот е позадоволително во однос од пред неколку години кога Куманово беше меѓу првите три најзагадени општини со високи концентрации на ПМ10 и ПМ2,5 честички.

– Сепак, имаме одредени моменти на загадување, особено во зима поради користење огревно дрво и други нееколошки материјали за затоплување, изјави Димитриевски.

Тој смета дека краткорочните и среднорочните мерки даваат резултат, како што е садењето дрвја и гасификацијата.

– Особено со гасификација на градската болница во Куманово драстично го намалиме загадувањето, бидејќи болницата се затоплуваше на мазут, што беше и најголем загадувач во Куманово. Ние во градот немаме „тешки“ загадувачи. Загадување во градот доаѓа и од прашината којашто доаѓа од северната страна т.е во близина на границата со Србија имаме неколку рудници и кога тие работат евидентно е загадувањето од прашина во градот и ни се случува и кога интензивно работат нашите каменоломи на локалитетот Краста за којшто редовно правиме инспекциски надзор исто така и со инспекторатот за животна средина и истото загадување е рапидно намалено, изјави Димитриевски.

Покрај тоа, како долгорочна превентивна мерка се истакнува пошумувањето на поголем број локации низ градот, кое придонесува за намалување на аерозагадувањето. Општината најавува дека нема да се откаже ниту од финансиските стимулации за граѓаните, па така и следната година ќе продолжи мерката за субвенционирање клима-уреди, по принципот „прв пријавен – прв услужен“.

Сепак, градоначалникот посочува дека ниту една мерка нема целосен ефект без подигнување на јавната свест. Како сериозен проблем останува палењето гуми и други недозволиви материјали за огрев, што создава акутни и опасни загадувања. Во таа насока, општината, во соработка со Министерството за внатрешни работи, интензивно ги лоцира ваквите случаи и преку инспекциските служби поведува соодветни постапки.

Според податоците на Министерството за животна средина и просторно планирање, најголеми пикови на аерозагадување во Куманово, од почетокот на декември до денеска имало на 10, 18 и 20 декември, најмалку на 6, 7 и 8 декември. Граѓаните се жалат дека, воздухот е неподнослив после 18 часот.

Резултатите од мониторингот извршен преку проект покажаа дека согорувањето на биомаса има најголемо учество во аерозагадувањето, во помала мера сообраќајот, следуваа, согорување на оган на отворено и отпад, согорување на мазут и нафта, со најмал процент е минерална прашина и секундарните аеросоли. Најголемо загадување е регистрирано во периодот декември-јануари.

Ad 4
Маркетинг
Маркетинг
Ad 1
Ad 3