Општини
Во Битола се одржа манифестацијата „Вкусот на Пелистер“
Јавната установа Национален парк „Пелистер“ со поддршка на Општина Битола и во рамки на програмата „Зимска приказна“, денеска ја одржа традиционалната манифестација „Вкусот на Пелистер“.
Над триесет локални производители на храна и пијалоци на посебно уредени штандови во дворот на Инфо центар на ЈУНП „Пелистер“, презентираа македонски специјалитети и дел од традиционалната македонска кујна, како потврда за економскиот потенцијал на градот, посочи градоначалникот Тони Коњановски, за време на посетатата на манифестацијата „Вкусот на Пелистер“.
-Одбројувањето почнува. На прагот на сме на новата 2026 година. Ова е период кога ги славиме празниците, се радуваме, си подаруваме рака и си посакуваме убави моменти. Денеска продолживме со манифестацијата „Куќа имам на Пелистер“ во која благодарение на домаќините, токму во дворот на Инфо-центарот, се собраа нашите млади сограѓани да уживаат во вкусот на Пелистер, посочи градоначалникот Коњановски.

Годинава освен битолчани, наши гости и посетители беа љубители на планината и вкусот на Пелистер од Неготино, Кавадарци, Охрид, Велес, Прилеп…истакна директорот на ЈУНП „Пелистер“-Битола, Иванчо Тошевски.
-Манифестацијата „Вкусот на Пелистер“ организирана под мотото „Куќа имам на Пелистер“ ја организираме по втор пат и со поддршка на Општина Битола. Ова е настан чија основна цел е да ја обедини и промовира севкупната туристичка понуда на поширокиот регион на едно место. Оваа година имаме трисеттина учесници, меѓу кои локални угостители, хотели, локални производители на храна и пијалоци, но и други правни лица кои имаат алтернативна туристичка понуда, изјави директорот на ЈУНП „Пелистер“-Битола, Иванчо Тошевски.
Програмата „Зимска приказна“ продолжува вечер до новогодишен концерт на кој на платото од битолскиот Офицерски дом ќе настапат Полина Тасева, Влатко Груевски, Давид Миладинов и Андреј Наунов-пијано.
декември 22, 2025


