Култура
Во Битола промовирана изложба „Апологија на време и простор II“
Националната установа Завод и Музеј-Битола синоќа во културниот центар Магаза ја промовира изложбата „Апологија на време и простор II“, дел од проектот „Моја инспирација – музејската колекција на носии и текстил како поттик во визуелната уметност“.
Автор, раководител на проектот и куратор на изложбата е Наде Геневска-Брачиќ, советник во НУ Завод и Музеј-Битола која изложбата ја реализира со уметницата Љубица Мешкова-Солак.
-Мојот предизвик беше да видам како еден уметник ќе ги перципира народните носии, орнаментите кои што се дел од народните носии и посебно народниот вез како предизвик во современата уметност. Во овој проект, гостин уметник е Љубица Мешкова-Солак која изработи изложба врз основа на избраните предмети, примероци што се значајни и се од крајот на 19. век се до средината на 20. век и кои имаат низа трансформации. Основната идеја на овој проект беше да се даде нова визија, да се претстават музејските експонати како живо наследство, а кустосот да биде еден медијатор меѓу минатото и сегашноста, изјави за МИА, авторот на изложбата, Наде Геневска-Брачиќ.

На синоќешната свеченост во Битола, уметницата Љубица Мешкова-Солак, посочи дека за да ја долови визуелно и симболично идејата ја користи текстурата, формата и бојата, и како што рече, не за да ја пресликам традицијата, туку да ја препрочитам.
-Етно елементите ги претворам во нов визуелен јазик, слоевит, текстурален, современ и концептуален. Најмногу ме интересира како старите текстилни структури, симболи или шари можат да се претопат во современо визуелна форма која не прикажува само минато, туку создава нов простор за ново значење. За мене времето и просторот не се ограничувања, напротив тие се поле на можности, место каде традицијата станува современа, а современото добива длабочина од минатото, истакна уметницата Мешкова Солак.
Изложбата „Апологија на време и простор II“ ја отвори Маргарета Спасов, директорка на НУ Завод и Музеј-Битола, и за културната јавност ќе биде отворена до средината на јануари, беше посочено на синоќешната свеченост во културниот центар Магаза.
декември 21, 2025


