Регион
Во Албанија започнува имплементацијата на проектот за инсталирање на безбедносен систем „Смарт Сити“
Во Албанија започнува имплементацијата на проектот за инсталирање на безбедносен систем, преку интелигентни камери „Смарт Сити“ (Smart City – Безбеден град).
На означувањето на почетокот на реализација на проектот премиерот Еди Рама рече дека тоа нема да биде едноставно систем на камери, туку ќе ѝ даде можност на државната полиција да има „магично око“.
„Ова е проект кој во секундата што ќе започне и ќе се спроведе во пракса експоненцијално го зголемува капацитетот на полицијата во реално време. На државната полиција ѝ дава магично око да ја види територијата од интерес во реално време. Кога станува збор за идентификација на прекршителот во реално време, тоа не доаѓа од резултатот на очите на полицијата на екраните, туку од магичното око што го гледа, идентификува, снима и го доведува пред очите на полицијата. Окото на целиот овој систем е око што гледа насекаде во исто време и ги собира потребните информации за да сигнализира проблем, рече меѓу другото Рама.
Министерката за внатрешни работи, Албана Кочиу, за време на настанот на кој беше потпишан договорот за имплементација на проектот нагласи дека низ целата земја ќе бидат инсталирани 5.000 паметни камери во 20 градови.
-„Смарт Сити Албанија“, е проект за Албанија на утрешнината. Неговата имплементација за инсталирање на безбедносен систем, преку интелигентни камери, ќе ја постави Албанија на највисоко ниво на технологија во овој поглед, воведувајќи високи стандарди за следење на градските улици, училиштата и другите јавни средини. Се движиме напред, претворајќи ја генијалноста на технологијата во сила што ќе ја води земјата кон нашата визија за безбедна Албанија, европска Албанија, рече таа.
Министерката, исто така, најави дека „околу три илјади камери за тело ќе бидат инсталирани на униформите на службениците на државната полиција, што значи поголема транспарентност“.
декември 20, 2025


