Регион
За денеска најавени два протести во Софија против „заробеното правосудство“ и буџетот
Два протеста се закажани за вечерва во центарот на Софија, организирани преку социјалните мрежи и пријавени во градската општина.
Првиот протест започнува во 18:00 часот (по локално време) пред Парламентот, во организација на коалицијата „Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија“ (ПП-ДБ) под мотото „#НеГоХраниПрасетоСоТвоиПари“. Главниот мотив на организаторите е четвртиот обид на владејачкото мнозинство во оставка да го протурка буџетот низ Парламентот.
Истовремено, пред Судската палата ќе се одржи протест на иницијативата „Правда за секого“ под мотото „СарафOFF“, каде граѓаните ќе го изразат незадоволството од „заробеното правосудство“. Се очекува околу 19:00 часот (по локално време) учесниците од Судската палата да им се приклучат на демонстрантите пред Парламентот.
Директорот на Софиската дирекција за внатрешни работи (СДВР), главен комесар Љубомир Николов, на брифинг соопшти дека за одржување на редот ќе бидат распоредени 19-20 контролно-пропускателни пунктови.
Имаме податоци за можни провокатори и внимателно ги следиме социјалните мрежи каде има радикални изјави. На вакви мирни протести често се појавуваат лица кои создаваат тензии, рече Николов, пренесува БТА. Тој додаде дека по претходниот протест биле „филтрирани“ одредени лица, а биле извршени и проверки во финансиски куќи во населбата „Љулин“, каде што должници биле принудувани да учествуваат во незаконски дејствија за време на собирите.
Полицијата е запознаена со планираниот протест од Судската палата до „триаголникот на власта“, додека други поголеми движења засега не се официјално најавени.
декември 19, 2025


