Connect with us

Култура

Вештачката интелигенција во фокус на деветтиот Медиумски фестивал Скопје

Деветтото издание на Медиумскиот фестивал Скопје, посветено на влијанието на вештачката интелигенција врз медиумите ќе се одржи од 22 до 24 декември во мултимедијалниот простор „Котур“. Фестивалот, организиран од Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), ќе понуди дискусии, работилници и филмски проекции за предизвиците на новинарството во ерата на вештачката интелигенција.

Отворањето е закажано за понеделник, 22 декември, со дебатата „Новинарството пред пресврт: Човекот и вештачката интелигенција“, која ќе ги разгледа прашањата дали ВИ е закана или сојузник на новинарството, како и етичките дилеми и потребата од регулативи.

Филмската програма ја отвора филмот „Ви благодарам што ми дозволивте да зборувам со вас денес“ каде со помош на ChatGPT и дипфејк на Илон Маск им се пркоси на цензурата и авторитарноста. Додека, новата ера во седмата уметност е најавена со филмот „За еден херој“, по сценарио напишано од вештачка интелигенција, тренирана врз целокупниот авторски опус на Вернер Херцог. 

Вториот ден на фестивалот ги носи филмовите „Крајот на тишината“, приказна за најголемиот радиотелескоп и преддигиталната тишина, како и „Насмевки и бакнежи за тебе“ – филм за осаменоста и љубовните кукли со ВИ.

Во среда ќе бидат прикажани „Хакирање на омразата“, награден документарец од Трибека за истражување на светот на белата надмоќ, а фестивалот завршува со „Крајот на Интернетот“, за дисиденти кои се борат за децентрализација на мрежата.

Фестивалските денови, воедно, ќе обединат новинари од различни генерации за дискусии и работилници посветени на вештачката интелигенција. Програмата вклучува JournalismAI за практична стратегија за ВИ, работилница за етичко новинарство и интерактивна сесија за безбедност на новинарките во дигиталниот простор.

Целосната програма за деветтото издание на Медиумскиот фестивал Скопје може да се погледне тука.

Ad 2
Маркетинг
Маркетинг
Ad 4
Ad 2