Connect with us

Општини

Со свечена академија за научникот Јордан Поп Јорданов, Штип почна да го чествува патрониот празник Свети Никола

Штип го почна чествувањето на својот патрон празник Свети Никола со свечена академија за ликот и делото на третиот претседател на МАНУ, Јордан Поп Јорданов, кој годинава постхумно е добитник на орденот „Свети Никола“.

На свечената академија во Советот на Општина Штип присуствуваа членови на семејството на академик Поп Јорданов, пратениците во македонско Собрание, Никола Мицевски, Душко Иванов, ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, Дејан Мираковски, советници во Советот на Општина Штип и претставници на државните и локалните институции.

Обраќање имаше Наташа Марковска од Истражувачкиот центар за енергетика и одржлив развој при МАНУ, како и прв и близок соработник на академик Јордан Поп Јорданов. Марковска истакна дека визијата на академик Поп Јорданов  „за светската димензија на науката е визија што го трасираше и нејзиниот пат“ и, како што рече, „визија којашто верувам дека и денес подеднакво е инспиративна за сите нас“. Таа во својот говор истакна дека академик Поп Јорданов зад себе има оставено над 300 научни стручни трудови објавени главно во меѓународните научни списанија и монографии, кои можат да се групираат во слениве три области: енергетика и одржлив развој, невронаука, филозофија и наука.

-Почетоците со истражувањата во енергетиката ги прави во нуклеарните реактори и нерамнотежната статистичка физика, каде што посебно се занимавал со проблемот термализација на неутроните. Ова истражување резултира во светски познатата метода, која го носи неговото име „Метода на Поп Јорданов“. Предмет на неговите истражувања се и ризиците од енергетски технологии и холистичкиот приод на процена, со земање предвид на психосоматските ризици. Придонесот од овие истражувања повторно е методолошки, со тоа што Националната академија на САД прифатила модификација на парадигмата за процена на ризици т.н „Нас парадигма“ со вклучување на психосоматските ризици. Третата теоретска линија на неговите истражувања во областа на енергетиката се однесува на примената на квантната теорија во материјалите за соларни ќелии и доведува до откривање на нови квантни состојби во тенките филмови т.н канализирани состојби, кои овозможуваат повисока ефикасност на соларните ќелии, рече  Марковска.

Таа посочи дека голем дел од трудовите на академик Поп Јорданов се за одржливиот енергетски развој, вклучително и обновливите извори на енергија и енергетската ефикасност. Марковска забележува дека Поп Јорданов може да се нарече и оти и бил „предвесник на енергетската транзиција на нашата земја“.

-Или ако се искористат неговите зборови – се што во науката е откриено, некој поет претходно го сонил, може да се каже дека Поп Јорданов е поетот што ја сонил македонската енергетска транзиција. Во областа на енергетиката и одржливиот развој значајни се и неговите резултати и истражувањата поврзани со климатските промени на домашен и на меѓународен план. Презентирани во трудови, во кои се врши економска и околинска оцена на мерките за ублажување на климатските промени, додаде  Марковска.

Таа се осврна и на останатите негови истражување и во областа на енергетиката, невронауката, како и филозофијата.

Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, во својот говор на свечената академија за академик Јордан Поп Јорданов на кого постхумно му се доделува орденот „Свети Никола“, рече дека во време на брзи промени кога светот се соочува со сериозни научни, енергетски и општествени предизвици се почесто се навраќаме на луѓето „чии идеи не припаѓале само на нивното време туку имаат и значење и денес“.

-Токму таква личност е академик Јордан Поп Јорданов, научник и визионер чие дело продолжува да зборува јасно во современиот контекст. За градот Штип оваа свечена академија има особено значење, дел од своето образование и интелектуално оформување академик Поп Јорданов го стекнал токму во штипската Гимназија. Тука започнал патот на еден млад човек, кој со труд, љубопитност и посветеност кон знаењето станал еден од најзначајните македонски и меѓународно признати научници, рече Јорданов.

Тој истакна дека овој факт е траен потсетник оти Штип е град кој создава умови и гради иднина. А академик Поп Јорданов како светски познат физичар оставил зад себе истражувања и резултати кои се дел од светската научна литература и сведочат дека македонската наука може да биде рамноправен дел од светската научна заедница.

Во текот на вечерната богослужба во соборниот храм „Свети Никола“ беше  доделен орденот „Свети Никола“ постхумно на академик Јордан Поп Јорданов, како и признанието „19 Декември“ за 2025 година  на  проф. д-р Билјана Ефтимова, Здружение на граѓани Градски хор Штип, компанијата „Супериор“, Армија на Република Македонија – Касарна „Јане Сандански“ Штип и на писателот Трајче Кацаров. 

Чествувањето на патрониот празник на градот Штип продолжува утре, на 19 декември, во соборниот храм „Свети Никола“, каде што од 8 часот наутро ќе се служи света архиерејска божествена литургија, на која ќе чиноначалствува архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, заедно со повеќе митрополити и свештеници од Брегалничката епархија.

Мошти на Свети Никола од Бари пристигнаа во соборниот храм „Свети Никола“  во Штип, а  по повод утершниот празник посветен токму на него верниците ќе имаат можност да им се поклонат,  кога ќе се одржи централната празнична богослужба. По литургијата ќе има и литија до шеталиштето „Ванчо Прќе“, каде ќе се крши славскиот колач. 

Ad 2
Маркетинг
Маркетинг
Ad 1
Ad 2