Connect with us

Општини

Одбележан Денот на настава на турски јазик

По повод 21 декември – Денот на настава на турски јазик, денеска во просториите на Министерството за односи меѓу заедниците се одржа пригодна свеченост, посветена на значењето на мајчиниот јазик и неговата улога во зачувувањето на културниот идентитет и повеќекултурните вредности во Република Северна Македонија.

На настанот обраќање имаше вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ, кој ја истакна важноста од континуираното негување и унапредување на наставата на мајчин јазик, како и од меѓусебната почит, соработка и поддршка меѓу заедниците.

  • Овој ден нека биде потсетник дека преку јазикот ги пренесуваме вредностите, традицијата и културното наследство на идните генерации, градејќи општество засновано на разбирање, почит и пријателство, порача Стоилковиќ, честитајќи го 21 декември – Денот на настава на турски јазик.

Свеченоста беше збогатена и со пригодна културно-уметничка програма, изведена од ученици од ООУ „Санде Штерјоски“ од Кичево и ПУ „Драга Стојановска“ – с. Држилово кои преку песна, рецитации и музички точки го претставија богатството на турскиот јазик и култура.

Наставата на турски мајчин јазик во земјава има долга и значајна традиција, која датира од 1944 година, кога во основното училиште „Тефејуз“ во Скопје се поставени првите темели на организирана настава на турски јазик.

По повод Денот на настава на турски јазик, како и претстојните новогодишни празници, Министерството за односи меѓу заедниците обезбеди пригодни подароци за децата учесници во програмата.

Ad 4
Маркетинг
Маркетинг
Ad 3
Ad 2