Connect with us

Општини

Нов проширен и реконструиран паркинг простор околу болницата во Куманово

Општата болница Куманово го решава долгогодишнит проблем со паркирањето во кругот на установата, соопштија денеска од установата. Проектот е реализиран со поддршка на општествено одговорните компании.  

Директорот на болницата, Сашо Стошевски, потенцира дека токму преку поддршката од локални компании овозможила запуштениот простор да прерасне во функционален и уреден паркинг.

-Инвестицијата на две општествено одговорни компании, дополнета со поддршка од уште три до четири помали фирми, резултираше со целосно нов паркинг со 86 обележани паркинг-места. Сообраќајот е регулиран еднонасочно, влезот е кај одделението за неврологија, а излезот од спротивната страна на болничкиот круг,  со што се избегнува дополнителна гужва и се зголемува безбедноста за пациентите и вработените, изјави Стошевски.

Овој зафат, како што нагласува тој, е дел од поширока стратегија започната со неговото доаѓање на менаџерската позиција. Првиот чекор бил расчистување на хаварисаните возила, уредување на рампите и јасно раздвојување на службениот од останатиот влез, по што следела реализацијата на трајно решение за паркирањето. Иако, временските услови во моментов ограничуваат одредени надворешни интервенции, во тек се активности за уредување на зеленилото и отстранување на дрвја и гранки.

Паралелно со инфраструктурните зафати, фокусот се префрла и на внатрешноста на болницата. Реновирањето на болничките соби се одвива етапно, „соба по соба“, со цел да не се наруши редовното функционирање на одделенијата. За наредната година се најавени поголеми инвестиции: комплетно реновирање на асфалтот и сообраќајниот режим во болничкиот круг, реконструкција на неврологија, болничката кујна и перална, болничката аптека, како и отворање нови амбуланти.

-Клучен предуслов за овие планови е стабилизираната финансиска состојба. Заклучно со 15 декември, долгот на Општата болница Куманово изнесува нула денари, подмирени се сите обврски кон добавувачите, исплатени се платите, потпишан е регресот за годишен одмор, а јубилејните награди, планирани за 2026 година, се исплатени уште во 2025 година. Овој финансиски пресврт, ја позиционира болницата во сосема поинакво светло пред Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување и потенцијалните инвеститори, изјави Стошевски.

Со стабилни финансии, раководството најавува и подготвеност за наменско задолжување исклучиво за набавка на современа медицинска опрема и апарати, со цел унапредување на квалитетот на услугите за пациентите. Во однос на кадровската состојба, во тек е постапка за вработување специјализанти по анестезија, со очекувани нови пријави, како и одобрување за вработување на девет општи лекари, од кои дел ќе бидат насочени кон специјализација. 

Ad 2
Маркетинг
Маркетинг
Ad 1
Ad 3