Општини
Неселективно ќе се уриваат објектите во Куманово, најави градоначалникот Димитриевски
Отстранувањето на урбана опрема на угостителски објекти во Куманово чии сопственици добиле извршно решение ќе продолжи неселективно, информираше на прес-конференција кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски. Тој додаде дека во наредниот период ќе следува неселективно уривање на објекти со правосилни и извршни решенија.
-Нема да има селективност сите објекти коишто има уредно извршно решение во следниот период ќе бидат урнати по приоритет. Објекти со кои е узурпирана јавна-прометна површина, тргнувајќи од централното градско подрачје кон надвор, а потоа и сите објекти. Не можеме селективно да го спроведуваме законот. Претпоставувам зборувате за градските кафулиња. Имавме и уште едно решение коешто веројатно не сте го проследиле на локацијата на паркинг просторот зад поранешната банка. Сите треба да бидат еднакви пред законот и сите оние вршители на дејност со давање на услуга во градот коишто имаат узурпирано јавна прометна површина ќе бидат дислоцирани, вклучувајќи ги и овие фамозни кабли коишто ги гледаме како повеќе од 15 години никнуваат низ градот и ги узурпираат јавните прометни површини, изјави Димитриевски.
Тој најави дека ќе предложи до Советот на општината зголемување на средствата за оваа намена, која засега изнесува три милиони денари. Од 1 јануари 2026 година стапуваат на сила и измените на законската регулатива, со која инспекцијата целосно се префрла кај градоначалниците. Тој кажа дека нема да дозволи одговорноста да падне на општинската администрација поради „самоволие на поединци“. Во општина Куманово има околу 600 евидентирани бесправни или незаконски доградени објекти, од кои значителен дел веќе добиле извршни решенија за уривање.

-Не ме интересира кој е сопственик, туку дали се плаќа надомест и дали се почитуваат законите, изјави градоначалникот, нагласувајќи дека јавниот интерес и заштитата на општинскиот имот се негова законска обврска.
Димитриевски потсети дека по долгогодишни судски спорови со дел од дуќанџиите од Занаетчискиот дом, поголем дел ги предале клучевите и најави дека постапката продолжува.
-Јас како градоначалник сум должен да го штитам јавниот интерес имотот на сите, изјави Димитриевски.
Отстранувањето на урбана опрема на угостителски објекти во Куманово почна неодамна. Од општината информираа дека извршувањето започнало откако некои објекти ја поставиле опремата без одобрение.
-Врз основ на тоа што одредени објекти немаат добиено одобрение за поставување на урбана опрема, согласно Одлука за поставување на урбана опрема донесена од страна на Советот на општина Куманово се врши отстранување на нелегално поставената урбана опрема. Во моментов налог за извршување има на четири објекти, но ќе се продолжи сè додека не исцрпат предвидените средства за отстранување. Доколку, самиот сопственик со свои средства го спроведе решението за отстранување, средствата од буџетот на општината се користат за иста намена за други објекти, информираа претходно од општината.
декември 18, 2025


