Connect with us

Општини

Вински салон седми пат во Кавадарци

Вински салон седми пат се одржува во Кавадарци, во организација на Здружението „Македонски семејни винарии”. Присутни се гости од државава и од странство, како и амбасадори од неколку земји. Се дегустираат вина и други производи од грозје.

На настанот беше кажано дека станува збор за празникот на најдобрите вина од Тиквешијата. 

– Добредојдовте тука, во земјата каде што сонцето е наш најверен сојузник, каде што лозјата не се само насади, туку вековни чувари на душата на Тиквешијата. Во просторот каде што грозјето не е само плод туку наследство, обврска, гордост и иднина. Тука, во регионот кој со генерации го создава најдоброто и највкусното македонско вино – симбол на Кавадарци и на целата Тиквешија, рече водителката на настанот, Лилјана Митрова, инаку советник за односи со јавноста при Општина Кавадарци. 

Таа потсети дека  Здружението на тиквешките, денес веќе македонски семејни винарии, е формирано во 2019 година од група луѓе вистински визионери и ентузијасти, луѓе кои веруваа дека семејната винска традиција мора да добие свое вистинско место.

– Горан, Александар, Гоце, Сашко, Пере и многу други, со чиста љубов кон виното и ракијата, го поставија темелот на она што денес е силно национално движење. Но, нивната идеја не ќе можеше да заживее без силната поддршка и иницијатива на градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, кому здружението му е неизмерно благодарно. Од првичните десетина мали винарии, денес Македонските семејни винарии се на број од 86 официјално регистрирани членови, според новиот закон за мали семејни винарии, што е доказ дека една исправна визија може да создаде цела винска сила. Голема благодарност се упатува и до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и министерот Цветан Трипуновски, кој го поддржува овој настан, истакна Митрова. 

Пред присутните се обрати и претседателот на ,,Македонски семејни винарии”, Горан Јаковлевски. Плакета за почесен член на Здружението, беше доделена на професор доктор Виолета Димовска од Земјоделскиот факултет во Штип. 

Во рамки на настанот, беа доделени наградите за најквалитетни вина, оценети од страна на Здружението ,,Винари на Македонија”, во кое членуваат истакнати енолози. 

За најдобро вино, со награда Гран при, беше прогласено црвеното вино Вранец – Дисан, на Вински подрум ,,Попови”. 

На сите винарии им беа посакани уште многу успеси и многу награди во иднина. 

– Нека денешниот вински салон биде уште една потврда дека македонската семејна винска приказна расте, напредува и создава квалитет кој заслужува светска сцена. Ви посакувам пријатна дегустација, убаво дружење и незаборавно винско искуство. Наздравје за Тиквешијата, за македонските семејни винарии и за традицијата што продолжува, порача Митрова. 

Ad 1
Маркетинг
Маркетинг
Ad 4
Ad 3