Општини
Премиерот Мицкоски и градоначалникот на Ново Село, Божинов, го означија почетокот на изградбата на нова училишна спортска сала во селото Колешино
Премиерот Христијан Мицкоски и градоначалникот на Ново Село, Ѓорѓе Божинов, со симболично фрлање на првите лопати бетон го означија почетокот на изградбата на новата училишна спортска сала на ООУ „Видое Подгорец“ во селото Колешино.
Претседателот на македонската влада е убеден дека сите овие проекти ќе значат додадена вредност во квалитетот на животот на локалното население, а како Влада ќе продолжат и понатаму да го испорачуваат сето она за што се се обврзале пред граѓаните и сето она што го ветиле.
-Дел од тие проекти е и овој проект, како и други повеќе од илјада проекти коишто во овој момент се во фаза или почетна или во некоја поодмината фаза или во завршна фаза коишто се реализираат, а се резултат на онаа поддршка што општините ја добија од Владата изминативе година и половина во вредност од речиси половина милијарда евра, бидејќи само три стотини и педесет милиони евра се проектите коишто се дел од првиот и вториот повик преку Министерството за локална самоуправа. Кога на тоа ќе се додадат проектите коишто ги имаат одредени министерства надвор од овие две програми тогаш доаѓаме до фантастични половина милијарди евра, нешто што досега никогаш не е направено во поновата историја на Македонија, истакна премиерот Мицкоски.

Градоначалникот на Ново Село, Ѓорѓе Божинов, истакна дека овој проект бил подолго време баран од подгорските села.
-Сега и децата од овие села ќе имаат можност и услови да спортуваат, да се надградуваат и да се развиваат правилно во спортски дух. Чест ми е што на денешниот настан присуствува и премиерот Христијан Мицкоски, со чија помош и поддршка се обезбедени средствата, рече Божинов.
Додаде дека овој проект се чекал повеќе од 20 години и без поддршка од Владата ваков проект не можел да се почне
декември 13, 2025


