Општини
Почнаа подготовките за „Бадникови поворки“ во Куманово
Почнаа подготовките за единаесеттото издание на Бадниковата поворка во Кумановo, соопштија денеска организаторите. Годинашниот настан ќе донесе нови содржини и проширени активности, со цел да се зачува духот на празникот, но и да се поттикне креативноста и учеството на најмладите.
Новина е воведувањето на литературен конкурс на тема „Божиќ“, организиран во соработка со Друштвото на писатели од Куманово и со поддршка од Општината. Основци и средношколци можат да испраќаат свои творби до 20 декември, а најдобрите ќе бидат наградени.
Минатогодишната поворка постави рекорд со над 400 деца-учесници, а се очекува сличен одзив и оваа година. За да го збогатат учеството, организаторите воведуваат нов концепт, децата ќе можат самостојно да ги изработуваат традиционалните ѕвездички дома.
На официјалната Фејсбук-страница на здружението веќе се објавени видео упатства, кои изработката ја претвораат во семејна работилница, активност што минатата година се покажа како особено успешна.
-Пријавувањето може да го направат, не е задолжително сите да се пријават, меѓутоа е пожелно затоа што следуваат изненадувања за децата кои се учесници во поворката, па да ја имаме ориентационо бројката на деца што ќе учествуваат за да имаме изненадувањеза секое детенце. Оние кои сакаат да се пријават има оставено телефонски број на фејсбук страницата Бадникови поворки – Куманово, таму ќе може да се информираат за се што ќе треба, изјави Ружица Денковска од „Бандикови поворки“.
Настанот годинава се проширува и надвор од градот. За првпат, Бадниковата поворка ќе се одржи и во село Пчиња, каде веќе се пријавени околу 80 деца, а во тек е изработката на ѕвездичките. Организаторите истакнуваат дека иницијативата дошла од мештани кои лани учествуваа во кумановската поворка и посакале традицијата да ја пренесат и во својата заедница.
декември 13, 2025


