Свет
Канцеларијата на ОН за човекови права во режим на преживување поради недостиг на пари и укинување на работни места
Високиот комесар на ОН за човекови права, Фолкер Тирк, денеска изјави дека неговата канцеларија годинава се соочува со финансиски дефицит од 90 милиони долари и дека намалувањето на бројот на вработени ќе опфати околу 300 места, или околу 15 отсто.
Тирк рече дека канцеларијата со седиште во Женева е во „режим на преживување“ откако главните донатори, вклучувајќи ги Велика Британија, Финска, Франција и САД, ги намалија своите придонеси.
– Нашите ресурси се намалени заедно со помалото финансирање на организациите за човекови права, вклучувајќи ги и оние на локално ниво ширум светот, рече Тирк пред новинарите на Меѓународниот ден на човековите права.
– Мојата канцеларија оваа година имаше околу 90 милиони долари помалку отколку што ни требаше, што значи дека се изгубени околу 300 работни места и дека неопходните работи мораа да бидат намалени, рече Тирк, кој го спомена намалувањето на активностите во Колумбија, Конго, Мјанмар и Тунис.
Откако годината ја почна со околу 2.000 вработени, канцеларијата на ОН за човекови права веќе укина 230 работни места оваа година и се очекува до крајот на годината да укине уште помеѓу 70 и 80 места.
декември 11, 2025


