Connect with us

Забава

Сафари-појадок со жирафи

Луксузниот хотел „Жираф менор“ во Најроби, Кенија, е еден од најскапите хотели во светот, но сепак, сè е резервирано со месеци однапред… Воедно, тоа е единственото место во светот каде што може да се појадува додека жирафа ја подава главата низ прозорец од хотелот. Местото се наоѓа на јужната периферија на градот – на влезот од Националниот парк Најроби.

„Жираф менор“ е дел од „​​Сафари комплексот“ – хотелска групација од неколку луксузни одморалишта низ Кенија. Иако е ексклузивен бутик-хотел со 12 луксузно опремени соби, хотелот не е типично одморалиште со фитнес-центар или базен. Тоа е реновирана шкотска вила од 1930-тите којашто сè уште е во семејна сопственост, и покрај тоа што е дел од хотелската групација. Во 1970-тите, новите сопственици на хотелот, Џок и Бети Лесли-Мелвил, вдомија млада жирафа и ја нарекоа Дејзи, па нејзе наскоро ѝ се придружи уште една бебе-жирафа – мажјак по име Марлон (крстена по Марлон Брандо). И две соби во хотелот, којшто потоа стана дом на многу такви животни, се именувани по нив.

Гостите на овој мал хотел можат двапати на ден да комуницираат со жирафите. Наутро, на појадокот и – за време на попладневниот чај, жирафите слободно шетаат на хотелската тераса меѓу масите и ги забавуваат посетителите, па честопати сакаат и да ѕирнат што се јаде…

Во близина се наоѓа Центарот за жирафи – денес прифатилиште за 10 единки. Сè во овој хотел – од крпите до шаховските фигури, прстените за салфетки и најмалите детали е внимателно избрано за да ја претставува Кенија и жирафата Ротшилд – еден од деветте подвидови. Кенија и Уганда денес се единствените земји каде што живее оваа раса жирафи, и тие се сместени во заштитени подрачја. Може да достигне висина од шест метри и е единствена раса со пет рогови. 

Овој необичен хотел бил домаќин на многу познати личности – Елен Деџенерес, Пору де Роси, Ели Гулдинг, Наоми Вотс, Волтер Кронкајт, Брук Шилдс, Ричард Чемберлен, Јуан Мекгрегор, Ричард Бренсон. Иако „Жираф менор“ е еден од најскапите хотели во светот (620 долари на ден), тешко е да се најде слободна соба – сè е резервирано со месеци однапред. Па, ако имате среќа (и пари) и успеете да обезбедите сместување, погрижете се да не го напуштите хотелот пред една од жирафите „да ве бакне“, велат – за среќа, според љубителите на највисоките животни во светот.  

Ad 2
Маркетинг
Маркетинг
Ad 2
Ad 1