Култура
„Бело се пере на деведесет“ премиерно на „Синедејс“, амбицијата е филмот да се прикаже во повеќе држави и да го видат што повеќе луѓе
Долгометражниот игран филм „Бело се пере на деведесет“ во режија на Марко Набершник, во чија реализација Македонија учествува како малцински копродуцент, синоќа ја имаше македонската премиера на 24. Фестивал на европски Филм „Синедејс“, во рамки на програмата „МК во ЕУ“.
Филмот е адаптација на истоимениот автобиографски роман на словенечката писателка Броња Жакељ, кој доживеа меѓународен успех и беше издаден на осум јазици, меѓу кои и на македонски јазик.
На денешната прес-конференција во Младинскиот културен центар (МКЦ) присуствуваа македонскиот копродуцент на филмот Томи Салковски од „Black cat production“ („Црна мачка“) од Скопје, актерките Аница Добра и Леа Цок и продуцентот на филмот Алеш Павлин.
Салковски изрази благодарност до „Синедејс“ што го препознале филмот и го земале во својата програма за да може да го погледне македонската публика.
– Долго време размислувавме со Алеш како да почнеме и на крај одлучивме дека е најдобро да почнеме со фестивал, а потоа во редовен кино репертоар да отиде. Се надеваме дека на крајот на годината или во јануари дека во „Синеплекс“ ќе почне со редовен репертоарски програм, рече Салковски.
Тој информира дека со Алеш се пријатели и соработници повеќе од 30 години и разговарале да направат нешто ново. Алеш, како што рече, ми се јави еден ден и ми кажа имам нешто интересно за тебе, одличен роман кој сега се преведува на македонски и би било интересно и за тебе да го аплицираме, да биде една супер екс-југословенска приказна, каде ќе покажеме нешто сосема различно. Потенцира дека вистинско изненадување, според него, било кога ја видел Леа на платното.
Акерката Леа Цок изјави дека првпат е во Скопје и додаде оти многу и се допаднале градот, луѓето и храната. Таа потенцира дека улогата во филмот ја научила да се запознае себе, да разбере дека сите имаме некои предизвици во животот и оти тоа не е казна, туку прилика да се запознаеш себе си, да се запознаеш колку си силен, посилен отколку што мислиш.
Продуцентот на филмот Алеш Павлин изјави дека имале тежок пат од адаптацијата на романот до сценариото.
– Навистина ми е драго, да не бидам патетичен, што ни успеа ваков филм кој ги поврзува луѓето и регионот, вели Павлин. Смета дека овој филм ќе остане долго и ќе стане словенечка филмска класика.
Амбицијата, како што беше потенцирано на денешната прес-конференција, е филмот да се прикаже во повеќе земји и да го видат што повеќе луѓе.
Актерката Аница Добра истакна дека ова не е женски филм, иако зборува за жените, туку е филм за сите нас.
– Ние не се трудевме да правиме спектакл. Немаме доволно пари, искуство, а ни потреба. Ние не се занимаваме со спектакл, туку со микрокосмосот на едно семејство, кое не е многу различно од кое било семејство на овие простори. Тоа нешто не поврзува и сите може да се препознаеме. Тоа семејство и таа приказна колку е обична, толку е и искрена и претпоставувам затоа е толку силна, изјави Добра.
Посочи дека во филмот има доста хумор, кој не служи да се смее човек, туку да ја нагласи драмата. – Сплетот на драма и хумор ја прави оваа приказна така препознатлива, потенцира Добра.
Филмот „Бело се пере на деведесет“ е трогателна, инспиративна и проткаена со хумор приказна за животот на Броња, додека ја следиме низ различни фази од животот. Нејзиното безгрижно детство ќе биде прекинато од загубата на нејзината мајка болна од рак, а во доцните тинејџерски години и таа самата мора да се соочи со подмолната болест. И покрај бројните и речиси непремостливи предизвици, Броња успева да ги надмине со солзи, смеа и непоколеблив оптимизам. Филмот го прикажува патот до созревањето на Броња во текот на 80-тите и 90-тите години од минатиот век и преку нејзината лична трансформација им нуди надеж и инспирација на гледачите.
Филмот е направен во копродукциска соработка меѓу шест земји – Словенија, Италија, Хрватска, Србија, Северна Македонија и Црна Гора, со поддршка од Словенечкиот филмски центар и Виба Филм Љубљана, ФВГ Филмски фонд, Хрватскиот аудиовизуелен центар ХАВЦ, Филмскиот центар на Србија, Агенцијата за филм на Северна Македонија, Филмскиот центар на Црна Гора и Европскиот фонд за копродукции Еуримаж. Во реализацијата на овој филм, на главната продукциска куќа Перфо од Словенија ѝ се приклучија Квазар Филм, Кинорама, Биберче, Протос Филм, а македонски копродуцент е Црна Мачка Продукција.
„Бело се пере на деведесет“ имаше светска премиера на Сараевски филмски фестивал во август оваа година. Досега во Словенија овој филм го погледнале над 50 илјади гледачи.
декември 10, 2025


