Connect with us

Свет

Унгарија и Словачка ќе бараат судско блокирање на забраната за увоз на руска нафта и гас во ЕУ

Унгарија и Словачка планираат да побараат од Европскиот суд на правдата да ја поништи и суспендира Предлог-регулативата на ЕУ со која се забранува увоз на руска нафта и гас во Унијата, најави унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.

– Ова е јасно кршење на договорот на Европската Унија. Во суштина, ова е санкција. Ова не е трговска мерка по својата содржина, изјави вчера Сијарто во Луксембург.

Според него, ваквата регулатива претставува „масовна правна измама“ со цел да се избегне консензусот во носењето на одлуки во рамките на ЕУ, со што се прекршуваат националните надлежности на земјите членки.

– Тоа е голем скандал. Мора да земеме предвид некои правни чекори, додаде Сијарто.

Европската комисија ја третира Регулативата, која е во фаза на усвојување, како „редовен законски акт“, што значи дека за нејзино одобрување е потребно квалификувано мнозинство гласови на земјите членки, со што Унгарија и Словачка, кои се противат на предлогот, не би можеле да стават вето.

Сијарто смета дека како дел од надворешната политика на ЕУ, Регулативата, како и при усвојувањето на санкции, треба да биде донесена со консензус.

Согласно Договорот на ЕУ, земјите членки имаат право пред Европскиот суд на правдата да оспорат која било постапка за која сметаат дека го прекршува законодавството на блокот.

Од своја страна, еврокомесарот за енергетика Дан Јоргенсен изјави дека правната основа на Предлог-регулативата е „сосема јасна“.

– Русија покажа дека не е сигурен трговски партнер, што ја прави јасен случај на трговски мерки, додаде Јоргенсен.

Со ставот на Јоргенсен се согласува и данскиот министер за енергетика Ларс Агард, чија земја е актуелен претседавач со Советот на ЕУ, кој посочи дека правната служба на блокот потврдила дека постапката е законска.

– Доколку некои земји имаат ресурси да преземат нешто преку правниот систем, тие се добредојдени да го сторат тоа, додаде Агард.

Ad 2
Маркетинг
Маркетинг
Ad 3
Ad 3