Фудбал
Салах: Имам чувство дека не сум посакуван во клубот
Фудбалерот на Ливерпул, Мохамед Салах, потврди дека неговиот однос со тренерот Арне Слот е нарушен и наведе оти има чувство дека не е посакуван во клубот, откако трет натпревар по ред остана на клупата за резерви во саботното премиерлигашко реми против Лидс (3-3).
„Направив толку многу за овој клуб во текот на годините, особено минатата сезона. Сега седам на клупата и не знам која е причината. Се чини дека клубот ме фрли под автобусот. Така се чувствувам. Мислам дека е многу јасно дека некој сакаше јас да бидам виновникот“, рече синоќа Салах, кој на крајот од минатата сезона потпиша нов договор со актуелниот англиски првак.
„Клубот ми вети многу ова лето, но веќе три натпревари седам на клупата. Не можам да кажам дека го одржаа своето ветување. Многу пати реков дека имам добар однос со тренерот, но одеднаш тоа веќе не е така. Не знам зошто. Ми се чини дека некој не ме сака во клубот“, додаде тој.
Ливерпул идната сабота на „Енфилд“ го пречекува Брајтон што ќе биде последен клупски натпревар на египетскиот репрезентативец пред да замине на Африканскиот куп на нации на 15 декември.
Салах навести дека тоа може да биде и неговиот последен натпревар во дресот на Ливерпул.
„Му реков на моето семејство да дојде на натпреварот против Брајтон. Не знам дали ќе играм, но ќе уживам. Ќе бидам на Енфилд за да се збогувам со навивачите и да одам на Африканскиот куп на нации. Не знам што ќе се случи кога ќе бидам таму“, рече Салах.
Египетскиот фудбалер дојде во Ливерпул во 2017 година и оттогаш постигна 250 голови на 420 натпревари за англискиот клуб



