Connect with us

Општини

Во Велес хуманитарен концерт за поддршка на лицата со попреченост

Хуманитарна оперска  гала вечер  е закажана за 20 декември во 19 часот во Театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ во Велес, која ќе го означи почетокот на Кампањата „Заедно за нов дом“ што ќе се спроведува во текот на 2026 година. Таа ќе овозможи запознавање со услугата „Живеење со поддршка“ и зголемување на капацитетите преку оформување на четири нови  мали групни домови. Концертот го организира Здружение на лица со церебрална парализа и други попречености од Велес коешто е овластен и лиценциран давател на услугата „Живеење со поддршка“, а кое веќе има отворено мали групни домови за лица со попреченост во Велес и Градско.

Во предновогодишна атмосфера на класична музиката, на хуманитарниот концерт за поддршка на лицата со попреченост ќе настапат македонски оперски пејачи: Вероника Караколева – сопран придружувана од Фросина Џини – пијанистка, Полина Тасева – сопран, Вариса Хајдарпашиќ – сопран, Влатко Груевски – тенор, Дарко Тодоровски – бас баритон  во придружба на Андреј Наунов – пијанист/ диригент.

Далибирка Златева претседател на  Здружение на лица со церебрална парализа и други попречености од Велес коешто е овластен и лиценциран давател на услугата „Живеење со поддршка“, ги поканува сите хумани луѓе заедно да ја споделат моќта на музиката и хуманоста и да придонесат кон подобар и подостоинствен живот за оние на кои поддршката им е најпотребна.

-Со настапот на македонските врвни уметници и нивните изведби тие придонесуваат оваа вечер да биде исполнета со благородна цел затоашто целосниот приход од влезниците од концертот е наменет за поддршка на лицата со попреченост, корисници на социјалната сервисна услуга „Живеење со поддршка“. Оваа услуга обезбедува независно живеење на корисниците во станбени единици со 24 часовна поддршка од страна на стручни лица и негуватели за поддржано живеење. Тимот им обезбедува остварување на основните и инструменталните активности во секојдневниот живот, социјализација и интеграција во општеството, појасни Златева.

Донациските влезници за настанот, по цена од илјада  денари, ќе можат да се набават на билетарата на Театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“.,а  ќе можат да се купуваат и од Здружението на лица со церебрална парализа и други попречености, со уплата на нивната Трансакциска сметка: 290 000027359871 Банка: ТТК банка и цел на уплата: „Донациски влезници за хуманитарна оперска гала вечер“.

По Хуманитарна оперска гала вечер во Велес,  најдоцна до 30 декември, ќе биде изготвен извештај за вкупно собраните средства што ќе биде јавно објавен.

Ad 4
Маркетинг
Маркетинг
Ad 1
Ad 3