Култура
Вишња Косовиќ од Црна Гора добитничка на наградата „Орфеј“ за 2025 година
Фондацијата за културна и научна афирмација и презентација „Македонија презент“ од Скопје соопшти дека наградата „Орфеј“ за 2025 година ѝ се доделува на писателката и професорка Вишња Косовиќ од Херцег Нови, Црна Гора.
Од Фондацијата информираат дека ова значајно признание се доделува за нејзиното богато поетско творештво и за нејзиниот континуиран придонес во развојот и афирмацијата на уметноста и културата.
Вишња Косовиќ е родена во 1958 година во Брезје, БиХ, а од 1984 година живее и работи во Херцег Нови. Таа е дипломиран филозоф и професор по филозофија, психологија, логика и етика. Основното образование го завршила во Шибошница, гимназијата во Брчко, Филозофскиот факултет во Белград, а последипломските студии во Загреб.
Автор е на повеќе книги поезија, меѓу кои: „Догорува свеќата над Брезје“, „Небокруг“, „Бокелски видокруг“ и „Порта за нов збор“, како и на книгите со афоризми: „Линијата често го прецртува човекот“, „Лик и споменик“ и „Збор за молчењето“. Нејзино е и филозофско-научното дело „Теоријата на силата во филозофијата на Руѓер Бошковиќ“.
Добитничка е на повеќе награди, меѓу кои: „Милан Лалиќ“ (1996), „Сребреното галебово перо“ (2004), „Кочиќево перо“ (2005), наградата „Душан Костиќ“ за најдобра поетска збирка (2013), Видовданската повелба за есеј (2014) и наградата „Марко Миљанов“ за книгата „Го барам името“ (2021).
декември 6, 2025


