Општини
Патронен празник на Универзитетот „Св. Климент Охридски“- Битола
Во предвечерието на 8 Декември, Денот на Св. Климент Охридски, творец на Охридската книжевна школа, денеска во Битола, Сенатот и Ректорската управа на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ го одбележаа патрониот празник на универзитетот.
Според востановената традиција, домаќините заедно со своите гости од државата и странство положија цвеќе пред споменикот на Свети Климент Охридски, поставен во дворот на ректоратот во Битола, а се чествуваше со повеќе програмски свечености.
-Овој ден не е само датум на календарот, туку празник на духот, знаењето и словото. Денес го славиме Свети Климент Охридски, нашиот небесен покровител, учетелот на учителите, духовниот втемелувач на македонската култура. Често велиме дека Охридската школа е првиот словенски универзитет и тоа не е само убав израз, тоа е суштината на едно наследство кое не обврзува. Свети Климент создаде генерации учени луѓе, ја продолжи мисијата на светите Кирил и Методиј, ја запали искрата на писменоста која и денес го осветлува нашиот пат, истакна ректорот на УКЛО, Игор Неделковски.
За прв пат годинава, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола беше домаќин на универзитетските членки од академската асоцијација УНИАДРИОН, и како актуелен претседавач, УКЛО одржа работилница на која се дебатираше за добри практики поврзани со дигиталната трансформација, европските програми и новите модели на студентска мобилност.
Во рамки на свечената програма УКЛО додели награди на најуспешни студенти, најдобри научници, ректорски повелби, како и награди за најдобри иновативни идеи во рамки на Европскиот институт за иновации и технологии.
декември 6, 2025


