Connect with us

Општини

Ревизијата утврди неправилности во работењето на Општина Свети Николе – неевидентирано земјиште, бесправно изградени објекти, неостварување приходи од комунална такса

Државниот завод за ревизија констатира неправилности и неусогласености во работењето на Општина Свети Николе. Според ревизорскиот извештај, Општината не ги доставувала барањата до надлежното Министерство за добивање согласност за бесправно изградените објекти на земјоделско земјиште, остварувала приходи од услуги за сместување во одморалиштето во Стар Дојран без да ги обезбеди потребните согласности за извршување на наведената дејност и нема обезбедено функционалност на детската градинка „Рахилка Гонева“ во село Ерџелија. Од вкупно 3 585 илјади денари од Буџетот на Општината, 89 отсто се доделени на спортски клубови и здруженија, а 11 проценти за поддршка на спортски манифестации, со што не обезбедила развој на масовниот спорт и рекреативни активности, а реализацијата на програмските активности од областа на културата и невладиниот сектор е без објавен јавен повик или објава на веб страницата на Општината и без претходно утврдени јасни и прецизни критериуми и услови за распределба и користење на средствата.

-Со ревизијата утврдивме неевидентирано земјиште, дел од имотот нема имотни листови, несоодветно евидентирање на инвестициите по нивното завршување, немање материјална евиденција при прием и издавање материјали и слабости при спроведување на пописот на средствата и обврските. За надминување на утврдените состојби дадени се препораки со цел преземање на мерки и активности од страна на надлежните институции и одговорни лица, информира Државниот завод за ревизија.

Согласно ревизорскиот извештај, ненаплатени побарувања во износ од 65 837 илјади денари, односно 1 070 520 евра се резултат на непреземени мерки за редовна наплата, а поради неутврдената старосна структура и високата неизвесност во наплатата, тие не се соодветно вредносно усогласени.

-Евидентираните побарувања за надоместок за одржување јавна чистота во Општина Свети Николе и во ЈКП „Комуналец“ Свети Николе не се усогласени за 8 650 илјади денари, а за 2024 година општината по овој основ не остварува приходи и нема донесено Годишна програма за одржување на јавната чистота. Според сметководствената евиденција на општината, по основ на надомест за одржување на јавната чистота, ЈКП во Буџетот на општината нема уплатено 27.419 илјади денари. Даночните обврзници кои се стекнале со дополнителен или нов имот во минати години не се задолжени со данок на имот, а ажурирањето на регистарот на недвижен имот и ревреднување на пазарната вредност е извршено во 2021 година. Во постапките за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти не се почитуваат законски пропишаните рокови и не се донесуваат решенија за одбивање на барањата. Од поднесените 110 барања за легализација на бесправно изградени објекти на земјоделско земјиште, 79 барања не се доставени до надлежното министерство за добивање на согласност за издавање на одобрение за потврдување на помошен објект и за дел од нив не е извршен увид на самото место, информира Државниот завод за ревизија.

За изграден објект на земјоделско земјиште со катастарска култура „нива“, за кој во 2017 година поднесено е барање за утврдување на правен статус на помошен објект на земјоделско земјиште, општината не извршила увид на местото и не доставила барање до надлежното министерство за добивање согласност, поради што предметот од 2017 година има статус во постапка за решавање, иако објектот врши угостителска дејност до 12.04.2025 година кога од страна на инспектори од МВР и ДЗС, по извршената контрола донесено е Решение за забрана за негово користење.

-Во 2024 година се издадени одобренија за поставување урбана опрема за само три објекти, а останатите угостителски објекти, јавната прометна површина ја користат без издадено одобрение, уплатена комунална такса за користење простор пред деловни простории за вршење на дејност. Општината нема донесено годишна програма за поставување на времени објекти, ниту се издадени одобренија за поставување времен објект. Општината не остварува приходи по основ на комунална такса за: користење музика во јавните локали и комунална такса за реклами, објави и огласи и нема донесена програма за општа туристичка пропаганда и информативна дејност за подобрување на условите за престој. Не е воспоставен зелен катастар, недостасува стратегија за развој на зеленилото и годишна оперативна програма за подигање и одржување на зеленилото и не се остваруваат приходи по основ на надомест за одржување на јавното градско зеленило, се наведува во ревизорскиот извештај.

Како што констатира Државниот завод за ревизија, утврдените неправилности во однос на начинот на стопанисување на објектот „Детско одморалиште во Стар Дојран“, давање на услуги („сместување“) за кои општината нема надлежност, без согласност од надлежните институции, издавање сметки без спецификација на услугите од фискална каса, застарените и руинирани сместувачки капацитети, имаат за ефект незаконски остварени приходи, извршување на дејност без согласност и не соодветни безбедносни услови за лицата кои се сместуваат.

Изградената градинка „Рахилка Гонева“ во село Ерџелија, пак, со вредност од 26 885 илјади денари или 437 154 евра, не е пуштена во употреба поради необезбедени средства за изведување пристапен пат до објектот од улица во вредност од 48 820 илјади денари, односно 793 821 евро и неинсталирана опрема за третман на вода за пиење.

Ad 2
Маркетинг
Маркетинг
Ad 1
Ad 1