Култура
Промоција на книгата „Григор Прличев – вчера, денес и утре“ од Милчо Јованоски
Во рамки на чествувањата на празникот 8 Декември – Денот на Сврети Климент охридски и патрон на градот Охрид, утре ќе биде промовирана книгата „НУ Библиотека „Григор Прличев‘ вчера, денес и утре“ од Милчо Јованоски, како издание на самата библиотека.
Во книгата авторот Јованоски ги вклопил новите истражувања сврзани со животот и делото на Прличев, напишани во новинарски манир кои се движат по линијата на книжевното и публицистиката.
Оваа „книжевна читанка“ е прва во издание на Библиотеката, паралелно напишана на македонски и англиски јазик и истовремено е мал туристички водич низ Охрид. Таа, пред сѐ им е наменета на странските гости на Библиотеката, но и градот.
Не случајно книгата се промовира на празникот на градот. Длабока и континуирана е духовната врска и влијанието што Свети Климент ја имал врз охридскиот поет и преродбеник Прличев. Но и Прличевата голема љубов и познавања на Климентовото дело опишано и во „Словото за Климента“ што го одржал пред охриѓани во далечната 1867 година.
„Прличев со своите дела оставил неизбришлива трага во вкупната меморија на луѓето и тлото до каде што стапнал. Од Охрид до Атина, Софија, Солун и пак Охрид. Воздигнат до Хомера, нападнат од мнозина. Болен не само физички туку и во душата. Вљубеноста во родниот Охрид била дотолку голема што градот го нарекувал ‘таткојна’. Тоа доволно сведочи за него и односот кон сограѓаните, градот и дојденците“, велат од Библиотеката.
декември 4, 2025

