Connect with us

Општини

Доделени наградите ДЕНЕС 2025: Крсто Глигорјадис главен добитник

Организацијата Факултет за работи што не се учат – ФРУ, Скопје, во соработка со мрежата „Награди за млади визуелни уметници“ (YVAA), резиденциската програма Residency Unlimited (RU) и фондацијата Trust for Mutual Understanding од Њујорк, по деветнаесетти пат го организираше изборот за наградата ДЕНЕС за млад визуелен уметник до 35 години.

Жири комисијата во состав: Хитоми Ивасаки, неодамнешна директорка на Одделот за изложби и главна кураторка во Квинс музејот, Њујорк а сегашна главна кураторка и директорка на работи од културата на Фондацијата Исаму Ногучи, Њујорк; Рона Копецки, кураторка и историчарка на уметност, уметничка директорка на галеријата acb во Будимпешта, со-основачка на Easttopics, платформа, центар и изложбен простор посветен на современата уметност од Централно-источна Европа; Ѓорѓи Десподов, мултидисциплинарен уметник од Северна Македонија кој живее и студира во Хаг, Холандија, добитник на наградата ДЕНЕС за млад визуелен уметник (2023) во Северна Македонија, одлучи дека наградите ќе се доделат на финалистите во следниот редослед:

-Добитник на наградата ДЕНЕС 2025 е Крсто Глигорјадис кој добива двомесечен престој во Residency Unlimited во Њујорк во 2026 година, Мила Добревска добива едномесечен престој во Галеријата „Простор“ на организацијата „Културен хаб Хрватска“ во Сплит во 2026 година и самостојна изложба во просторот, а Наташа Неделкова ќе има самостојна изложба во земјава во 2026 година.

Наградата ДЕНЕС се доделува на годишно ниво за исклучителна и истакната тековна уметничка практика која подразбира критичко и естетско размислување и дејствување, и е единствена награда од овој вид во земјава. Оваа значајна и независна награда која постои 22 години во земјава, покрај двомесечната програма за престој на уметници во Њујорк, вклучува и други можности и резиденции. ДЕНЕС, исто така, овозможува и уникатно искуство на уметниците да бидат дел од специјално наменет едукативен процес во визуелната уметност насловен „Совршениот уметник“, да имаат средби и презентации со интернационално жири и да продуцираат дело во рамки на изложба како финалисти на наградата.

Наградата ДЕНЕС е основана во 2002 година како годишна награда за најдобар млад ликовен уметник до 35 години во земјава од страна на Центарот за современи уметности – Скопје во соработка со Фондацијата за граѓанско општество од Њујорк, САД, но официјално првпат беше доделена во 2003 година. Намерата на наградата ДЕНЕС е да им понуди повеќе можности на младите уметници да ги совладаат своите уметнички интереси и да ги прикажат пред пошироката публика, како и да се продлабочат дискусиите помеѓу институциите и младите уметници. Од 2015 година наградата локално ја организира здружението Факултет за работи што не се учат – ФРУ, во рамки на фестивалот АКТО.

Досегашни добитници на наградата ДЕНЕС се: Марко Гутиќ Мижимаков, Ѓорѓи Десподов / Клелија Живковиќ / Бурџу Мусли, Ивана Мирчевска, Елена Чемерска, Верица Ковачевска, Зорица Зафировска, Иван Ивановски, Филип Јовановски, Велимир Жерновски, Илија Прокопиев, Кристина Божурска, Ѓорѓе Јовановиќ, Ана Ивановска, Борис Петровски, Атанас Ботев, Далибор Тренчевски, ОПА (Опсесивна посесивна агресија) и Славица Јанешлиева.

Во Чифте амам беше отворена и самостојната изложба „Сè што незабележливо ползи“ од Ивана Самандова, добитничка на наградата за самостојна изложба во рамки на ДЕНЕС 2024. Изложбите ќе бидат достапни до 13 декември.

Маркетинг
Маркетинг
Ad 3
Ad 3