Општини
Oбјавен конкурс за „ Спортист на годината 2025“ на Велес
Сојузот на спортови на Велес денеска објави конкурс за избор на најуспешен спортист на Велес за 2025, како и најуспешни спортисти, тренери, спортски екипи, спортски работници, судии, манифестации и други спортски признанија на Општина Велес за 2025 година. Наградите и признанијата се доделуваат за постигнати резултати во индивидуални и екипни спортови во тековната година. Право на предлагање на кандидати имаат само спортските клубови и спортски здруженија чие седиште е во Општина Велес, а конкурсот трае до 12 декември годинава.
Предлозите треба да бидат во печатена форма со потпис и печат од одговорното лице на клубот односно спортското здружение.
Како што денеска информираат од Сојузот на спортови на Велес, критериуми по кои ќе се избираат најуспешните се резултатите во олимписки и неолимписки спортови и дисциплини, во поединечни и екипни спортови, постигнати на олимписки, светски и европски првенства, меѓународни и домашни натпревари.
Предлозите треба да содржат категорија за која е предлогот, официјален документ за постигнатите спортски резултати објавени во билтени, веб страници или документи издадени од Национални спортски федерации.
Клубовите односно спортските здруженија кои кандидираат повеќе спортисти во една категорија треба да ги рангираат од најдобриот па надолу. Клубовите односно спортските здруженија кои имаат повеќе од еден предлог, истите треба да ги достават во еден затворен плик.
Предлозите се доставуваат во затворен и запечатен плик секој работен ден од 08:00 до 18:00 часот во просториите на СОУ Гимназија „Кочо Рацин“ на пријавница (кај обезбедувањето) со назив за „Избор на спортист на годината 2025“ на Велес“. Конкурсот е објавен на веб страната на Општина Велес.
декември 3, 2025

