Connect with us

Свет

Мартин: Ирска ја поддржува употребата на замрзнатиот руски имот за обнова на Украина

Ирскиот премиер Мајкл Мартин на денешната заедничка прес-конференција во Даблин со украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Ирска го поддржува планот на Европска комисија за колатерален заем односно замрзнатиот руски имот да се користи за обнова на Украина.

– Принципот, што е во основата на нашиот став, е дека кога Повелбата на ОН е прекршена на толку брутален начин, кога има уништување на цивилна инфраструктура, енергетска инфраструктура, градови и така натаму, мора да има одвраќање од такво однесување во иднина. Ние целосно ја почитуваме загриженоста на белгиската Влада и овие прашања мора да се решат и тоа мора да биде колективен договор на Европска Унија, истакна Мартин.

Според него, рускиот претседател Владимир Путин „се стреми да стекне предност на преговарачката маса“ со сè посилни напади на фронтот и врз украинските градови и инфраструктура.

– Никогаш не смее да му се дозволи да успее. Шокантно е што народот на Украина е изложен на ноќни напади од руски ракети и беспилотни летала. Народот на Украина заслужува да биде безбеден во своите домови. Нивните деца заслужуваат безбедно да спијат во своите кревети. Ирска ќе продолжи да го поддржува народот на Украина сè додека е потребно, наведе Мартин.

Тој додаде дека Ирска е подготвена да учествува во мировната мисија во Украина, како и во реконструкцијата на земјата.

Мартин пред средбата со Зеленски најави дополнителни 125 милиони евра финансиска помош за Украина, од кои 25 милиони евра се наменети за помош во обновата и заштитата на енергетскиот систем.

Додека Зеленски посочи дека Украина „ќе ги почека резултатите од преговорите помеѓу САД и Русија“ и оти ќе реагира во согласност со тоа.

Тој потенцира дека најчувствителни прашања се територијата на Украина, користењето на замрзнатиот руски имот и безбедносните гаранции од САД, Европа и другите држави.

– Мислам дека овие три теми се најчувствителни и најважни. И мислам дека нашите тимови ќе продолжат да работат на тоа, истакна Зеленски.

Тој при денешната официјална посета на Даблин имаше средба со претседателката на Ирска, Кетрин Коноли, а ќе се обрати и пред членовите на двата дома на ирскиот Парламент. 

Маркетинг
Маркетинг
Ad 1
Ad 2