Свет
Француските синдикати денеска протестираат против Буџетот за 2026 година
Во Франција денеска се одржува штрајк кој го организираат синдикатите ЦГТ, ФСУ и Солидаирес против предложениот државен буџет за 2026 година, јавија локалните медиуми.
Според организаторите, низ целата земја се планирани околу 150 собири и маршеви, но се очекува вкупниот број да биде ограничен, со оглед на тоа што во акцијата не учествуваат големите синдикати ЦФДТ и ФО, пишува Фигаро.
Властите проценуваат дека во Париз на демонстрациите ќе учествуваат меѓу 5.000 и 10.000 луѓе. Собирот почнува со помали протести на државните службеници пред нивните работни места и министерствата, а централниот собир во Париз е планиран во 14 часот.
Освен Париз, протести се најавени и во повеќе други градови, вклучувајќи ги Бордо, Ла Рошел, Шатобријан, Ленс, Дуеј, Дижон, Авр и Руан.
Организаторите истакнуваат дека учесниците ќе бидат членови и поддржувачи на синдикатите кои повикуваат на денешните акции.
Главните причини за протестот се несогласување со предложениот финансиски план на владата, а особено со ставките кои се однесуваат на намалување на јавните расходи и реформи во секторот образование и транспорт.
Синдикатите порачаа дека целта на денешните акции е владата да се „потсети на социјалната димензија на буџетот“ и да се осигури дека економските одлуки нема да ги загрозат правата на вработените и јавните услуги.
декември 3, 2025

