Култура
„Завод и Музеј Струмица“ бара куќата на Хаџитосеви да биде изземена од регистарот на споменици на културата
Националната Установа „Завод за заштита на спомениците и Музеј Струмица“ со загриженост ја следи новонастанатата состојба на Споменикот на културата лоциран на улицата „Кирил и Методиј“ број 41, позната како Куќата на Хаџитосеви и бара од Управата за заштита на културното наследство да донесе одлука за иземање на конкретниот објект од регистарот на споменици на културата, соопштија од оваа установа.
Овој Споменик на културата е прогласен пред повеќе децении со решение кое неколку пати е дополнувано, а последното дополнување е од 1996 година.
-Решение за прогласување на културно наследство во опасност за овој Споменик е донесено во 2020 година. Од тогаш се направени повеќе обиди да се изнајде начин да се зачува објектот. Постои и проект за заштита од самоурнување. Но, реалниот проблем со кој се соочуваме во работата се законските одредби според кои за секоја активност потребна е согласност од сопствениците на објектот. Во конкретниот случај нема наследници, односно постојат потенцијални наследници, се наведува во соопштението на „Завод и Музеј Струмица“.
Се додава дека во такви услови поради изразено лошата состојба на објектот, установата е приморана да побара од Управата за заштита на културното наследство да донесе одлука за иземање на конкретниот објект од регистарот на споменици на културата, бидејќи состојбата на овој објект е незавидна и покрај фактот што институциите ги прават сите напори за негово заштитување и реконструкција.
Инаку, пред три години се урна дел од куќата на Хаџитосеви во Струмица, која претставува стара архитектура од крајот на 19 век.
декември 2, 2025

