Connect with us

Култура

Во Струмица со „Осуден(а) – форум театар против родово базираното насилство

Насилството врз жените и девојчињата останува најраспространетото прекршување на човековите права. И глобалните и националните податоци се алармантни-секоја трета жена е жртва на некаква форма на родово базирано насилство, беше истакнато во обраќањата пред прикажувањето на двете едночинки на претставата „Осуден(а)“ вечерва во Струмица.

Според Петре Танчев, член на Советот на Општина Струмица, кампањата „16 дена активизам против насилството врз жените и девојчињата“ не е само симболичен период во годината.

-Таа е глобален повик да не молчиме, да не премолчуваме и да не дозволуваме ниту една жена, девојка или девојче да остане без поддршка, без заштита и без глас. Како член на Комисијата за еднакви можности, обврска и наша одговорност е да го смениме тоа. Да ja засилиме институционалната реакција, да создадеме јасни механизми за заштита. Да воспоставиме сигурна мрежа каде секоја жена ќе знае дека има каде да се обрати, дека ќе биде слушната, заштитена и поддржана, истакна Танчев.

За Кристина Пејчиќ, специјалистка за родова еднаквост во Канцеларијата на УНДП, со ваквите настани, кои ја користат уметноста како простор за заедничко учење и социјална промена, УНДП и Општина Струмица ја потврдуваат својата посветеност на создавање побезбеден физички и онлајн простор за сите.

-Во партнерство со Општина Струмица, претставата повторно ја оживува суровата реалност на насилството врз жените и девојчињата, во рамки на кампањата „16 дена активизам против родово базираното насилство“. Преку интерактивна театарска форма, публиката се охрабрува да размислува критички, да реагира и да учествува во разоткривање на стереотипите и институционалните слабости, рече Пејчиќ.

Инаку, претставата е составена од два чина, инспирирани од вистински приказни. Првиот чин ја следи приказната на девојка која станува жртва на дигитално насилство по споделување приватни фотографии со лице што го запознава онлајн. Вториот чин ја прикажува долгогодишната борба на жена заробена во циклусот на семејно насилство. И покрај упорните обиди да добие помош, институциите не реагираат навреме – приказна која трагично завршува со фемицид.

Според официјалните податоци од 2019 до 2023 година, во Северна Македонија се евидентирани 20 случаи на фемицид, а покренати се 17 кривични постапки во кои се убиени 19 жени. Во најголемиот број случаи, сторителите биле партнери или сопружници, а убиствата се случиле во домот.

Настанот се реализираше од УНДП во рамките на проектот „Поддршка на полицијата за ефикасно спречување и одговор на сајбер-криминал и родово базирано насилство и вознемирување“, финансиски поддржан од Република Кореја, преку Корејската национална полициска агенција.

Маркетинг
Маркетинг
Ad 1
Ad 3