Вести
Советот за реформа на јавната администрација го усвои ревидираниот Акциски план 2023–2026: Владата ја засилува реформската агенда
Советот за реформа на јавната администрација, како највисоко координативно тело задолжено за управување со реформските процеси во јавната администрација, денеска ја одржа третата седница на која претседаваше премиерот Христијан Мицкоски.
Како што информираат од Министерството за јавна администрација, членовите на Советот го разгледале и усвоиле ажурираниот Акциски план 2023–2026 година од Стратегијата за реформа на јавната администрација 2023–2030, кој е усогласен со приоритетите од Програмата за работа на Владата 2024–2028, како и со документите од процесот на европска интеграција – Патоказот за РЈА и Реформската агенда.
-Планот е во корелација и со измените во Законoт за организација и работа на органите на државната управа, со што се идентификувани водечките институции надлежни за реализација, како и другите органи вклучени во спроведувањето на активностите, дополнително интегрирани се и препораките од Извештајот од оценската мисија на SIGMA за 2024 година, се вели во соопштението од Министерството.
Во рамки на дискусијата била истакната важноста од планираното и навремено спроведување на реформските активности со цел унапредување на ефикасноста, професионалноста и транспарентноста во работењето на јавната администрација.
– Денес сме тука да ја забрзаме реформата на јавната администрација и да воспоставиме систем што функционира брзо, предвидливо и професионално. Државата не може да се движи напред ако институциите работат споро, ако процедурите се комплицирани, и ако граѓанинот е тој што ги носи документите од канцеларија до канцеларија наместо институциите сами да комуницираат, порачал премиерот Мицкоски.
Тој на својот фејсбук профил напиша дека нивниот пристап се заснова на четири главни столба: дигитализација како основен стандард, професионална администрација со јасни стандарди и одговорност, рационализација и намалување на бирократијата, како и усогласеност со европските стандарди.
-Ова не е процес што ќе остане на хартија. Ова мора да биде динамична реформа со јасни рокови и проверливи резултати. На оваа маса нема простор за изговори има задачи, рокови и одговорност, напиша Мицкоски на ФБ.
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, во своето излагање ја нагласил значајната улога на Советот и континуитетот во неговата работа.
-Одржувањето на вакви седници на Советот за реформа на јавната администрација е од исклучително значење, бидејќи нивната редовност, транспарентност и конструктивност беа поздравени и нотирани во Извештајот за напредокот на Европската комисија како позитивна практика во управувањето со реформските процеси, рекол Минчев.
Тој, како што информира Министерството за јавна администрација, додал дека институцијата со која раководи, ќе продолжи активно да го координира спроведувањето на реформските мерки и да обезбедува поддршка на институциите, со крајна цел создавање модерна, услужна и професионална администрација во служба на граѓаните.
декември 2, 2025

