Connect with us

Вести

Царинската испостава Пошта доби скенер за пратки – полесно ќе се детектира шверцот со оружје, дрога и експлозиви

Царинската испостава во Македонска пошта денеска доби скенер кој треба да го олесни спречувањето на трговијата со дрога, експлозиви, оружје, негови делови и муниција. Станува збор за рентген платформа на американската компанија „Астрофизикс“ која може да поддржи преку 200 килограми. Уредот има 180 киловати сила, висока резолуција и работи во шест бои, што е најнова технологија. Скенерот може да „помине“ стотици пратки во минута, а користи и вештачка интелигенција која преку база на податоци (запамтено оружје и делови од оружје) му сигнализира на операторот дека нешто е сомнително.

Скенерот е донација од Германија, Шведска, Холандија, Франција, Обединетото Кралство и Норвешка преку Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал во рамки на проектот Хермес 2. Покрај скенер, на Царината и Поштата ќе им бидат донирани и персонални компјутери за вработените кои ќе оперираат со скенерот.

Како што беше речено на презентацијата, онлајн купувањето од КОВИД-пандемијата е во пораст, а тоа им служи на криминалните групи полесно да го „протнат“ тоа што сакаат. Улогата, пак, на царинските и поштенските служби е ова да го спречат.

-Во време на рапиден пораст на е-трговијата, високата количина на пратки претставува потенцијална опасност за користење на поштенските пратки за дистрибуција на недозволени стоки како што се дроги, експлозиви и оружје. Оттука, спречувањето на користењето на е-трговијата како канал за дистрибуција од страна на криминалците е од исклучителна важност за ефикасно справување со безбедносни закани. Царинската управа е една од клучните институции што треба да одговори на овие предизвици. Скенерот  е од големо значење во заедничката борба против тероризмот, спречување пролиферација на мало и лесно оружје и недозволената трговија со дрога. Годинава во царинската испостава Пошта, каде е поставен скенерот, поминале над 100 илјади пратки, што кажува за значењето што оваа опрема ќе го има врз контролата на поштенските пратки, истакна директорот на Царинската управа Бобан Николовски.

Според него, со капацитет за скенирање стотици пратки во минута со помош на вештачка интелигенција, скенерот ќе помага во детекција на огнено оружје, негови делови и муниција, дрога и експлозиви.

-На овој начин, службите ќе бидат насочени да извршат навремена и прецизна проверка на сомнителните пратки. Во рамки на проектот, веќе се спроведени обуки за ракување со системот за царинските службеници од испоставата, како и за мобилните царински тимови. Наша обврска како институции е да одговориме на предизвиците со сите капацитети што ни стојат на располагање, со цел ефикасно сузбивање и целосно разобличување на криминалот, истакна Николовски.

Според директорот на Македонска пошта Орхан Куртиши, скенерот е од исклучително значење за поштенското работење.

-Живееме во време во кое секојдневно се соочуваме со сериозни закани предизвикани од криминални мрежи вклучени во трговија со забранети супстанци, оружје и дрога. Од тие причини, оваа донација е од голема важност за нивно непречено откривање, рече Куртиши и се заблагодари за спроведената обука на вработените кои ќе работат на скенерот.

Маркетинг
Маркетинг
Ad 4
Ad 3