Култура
Возобновен Театарот при Центар за култура Неготино
Возобновен е Театарот при Центар за култура „Ацо Ѓорчев“ во Неготино, што имаше долга традиција и даде бројни театарски таленти, информираше попладнево директорката на културниот центар, Виолета Стојановска. Таа истакна дека се работи за проект на Центарот за култура, финансиски поддржан од Министерството за култура и туризам.
– Поминати се децении откако за првпат се кренала театарската завеса на аматерскиот театар „Ацо Ѓорчев“.
Сега после толку време, после долги години, аматерскиот театар при Националната установа Центар за култура „Ацо Ѓорчев“ Неготино блесна во сиот свој сјај! Враќањето на аматерскиот театар го реализиравме со театарската претстава „Што виде батлерот“ во режија на Златко Цветковски, во изведба на талентираната аматерска актерска екипа од Неготино, соопшти директорката.
Таа подвлече дека претставата веќе ја имаше својата успешна премиера.
– Има огромен интерес и се закажани уште неколку репризи. Со овој успех ја заокружуваме долгогодишната посветеност за возобновување на аматерскиот театар, што беше една од главните цели на Центарот за култура, нагласи Стојановска.
декември 1, 2025

