Connect with us

Култура

Премиера на „Црнила“ во Прилепскиот театар, претства која отвора дијалог

В сабота на сцената 105 во прилепскиот Центар за култура „Марко Цепенков“ од 20 часот ансамблот на Народниот театар премиерно ќе ја изведе претставата „Црнила“ од Коле Чашуле во режија на Дејан Пројковски.

-„Црнила“ на Коле Чашуле е драма која не старее, а Чашуле е писателот кој го создаде современиот македонски драмски јазик.  Премиерата е во година во која се навршуваат 104 години од смртта на Ѓорче Петров, личност која ја бранеше идејата за слобода, на ист начин на кој Коле Чашуле со своето перо ја бранеше вистината. Најважно, и двајцата се прилепчани и оставиле трага која денес допира до нас. Со режијата на Дејан Пројковски, оваа претстава е мост помеѓу класиката и револуцијата, помеѓу Ѓорче, Чашуле, помеѓу зборот и делото, рече раководителот на Прилепскиот театар, Михајло Миленкоски.

На режисерот Дејан Пројковски ова му е прва соработка со ансамблот на театарот „Војдан Чернодрински“ и тоа со претстава, како што вели, која е еден од лајт-мотивите, или, голем рефрен во македонската драматургија.

-„Црнила“ зборува за лекциите кои многу тешко ги учи Македонецот низ историјата. Работејќи ја претставата, постојано имав една мисла: „Македонец уби Македонец за Македонија“. „Црнила“ на Чашуле е еден од текстовите кој го имаме како бреме и секоја театарска генерација, заедно со публиката секогаш се преиспитуваме на истите теми: Што сме направиле и што треба да направиме, или, што сме научиле за некои работи да не се повторуваат. Нашите ликови во „Црнила“ малку се заглавени во калта од сопствените пороци и предавство, а од друга страна, се со константен сремеж и поглед кон небото. Тоа растргнување меѓу желбите и можностите ги прави сите да се растегнуваат како жиците на гитарата. Претставата ја работевме без заземање став. И мило ми е што отвора дијалог за тоа дека мора во одредени моменти да имаме заеднички ставови, а црнилата се секогаш во македонската историја како резултат на поделбите, рече Пројковски.

Претставата се работи во релативно тешки моменти за приолепскиот театар кој нема сопствен објект.

-Театарот е жив кога најмногу е ранет. Театарот е жив и ќе остане жив. Љубовта спрема театарот ни ја дава чистата сила која создава убавина за нас и за публиката, рече актерот Александар Степанулески.

Во претставата „Црнила“ играат Сара Спиркоска, Бобан Алексоски, Катерија Чакмакоска-Клинческа, Александар Степанулески, Александар Тодески, Димитар Ѓорѓиевски, Михајло Миленкоски, Илија Волчески. Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимите се на Марија Папучевска, музиката на Горан Трајкоски, а драматург е Лидија Митоска-Ѓорѓиевска.

Бидејќи претставата е на камерна сцена, ќе има повеќе изведби, пред и по премиерата.

Маркетинг
Маркетинг
Ad 3
Ad 3