Connect with us

Свет

Крозето: Постои можност за воведување доброволна воена служба во Италија

Италијанскиот министер за одбрана Гвидо Крозето денеска изјави дека постои можност за воведување доброволна воена служба во Италија.

Крозето рече дека има намера да го достави соодветниот закон до владата за дискусија, а потоа ќе го достави до парламентот, според италијанските медиуми.

„Доколку парламентот донесе таква одлука, тогаш да. Планирам прво да му презентирам на Советот на министри, а потоа и на парламентот, верзија на законот за дискусија… која ќе ја обезбеди одбранбената способност на земјата во наредните години и ќе се однесува не само на бројот на војници, туку и на нивната организација и прописи“, изјави Крозето за телевизијата РАИ 3, одговарајќи на новинарско прашање за можноста за воведување воена служба во земјата, по примерот на Франција и Германија.

Кон крајот на октомври, Крозето, обраќајќи се пред кадетите на военото училиште во Торино, ги повика да бидат подготвени да ја бранат земјата доколку Италија мора да се брани во вооружен конфликт.

Кон средината на септември, Крозето изјави дека Италија не е подготвена за потенцијален напад од која било земја бидејќи не инвестирала доволно во одбрана во текот на изминатите 20 години. Тој нагласи дека Италија „не е подготвена за руски напад, ниту за напад од која било друга земја“.

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска изјави дека почнувајќи од следното лето, постепено ќе воведува нова, доброволна воена служба наменета за лица на возраст од 18 и 19 години.

Програмата ќе трае 10 месеци и ќе вклучува месечна почетна обука, а војниците ќе служат во армијата исклучиво на територијата на Франција, објави BFM TV.

И германскиот министер за одбрана, Борис Писториус, најави дека Германија може да размисли за повторно воведување на задолжителна воена служба уште следната година, ако не успее да привлече доволно волонтери за своите вооружени сили.

Тој рече дека моделот на воена служба во Германија е „заснован на доброволно учество“, но дека може да се замени со задолжително учество, ако не се пријават доволно волонтери.

Маркетинг
Маркетинг
Ad 2
Ad 3