Connect with us

Свет

Индија одобри набавка од Русија на ракети С-400 вредни над милијарда долари

Министерството за одбрана на Индија одобри набавка од Русија на ракети за противвоздушните системи С-400, во зделка вредна над една милијарда долари, објави весникот „Тајмс ов Индија“.

Според изданието, Индија ќе купи ракети со различен дострел за да ги пополни залихите на овие системи, кои беа употребени во мај за време на индиско-пакистанскиот воен конфликт, како и за создавање резерва.

Индија сè уште нема донесено одлука дали ќе набави две или три ескадрили од руските ловци од петта генерација Су-57, кои Москва интензивно ги нуди, додава весникот.

„Постои логика воздухопловните сили да воведат две-три ескадрили ловци од петта генерација како привремено решение, додека биде подготвен домашниот стелт-авион АМСА околу 2035 година. Но, сè уште нема одлука дали тоа ќе биде Су-57, Ф-35 или друга опција“, навел висок државен извор за весникот.

Министерството за одбрана одобри и едногодишен договор со Русија за техничко одржување на системите С-400, кои се веќе во вооружувањето на индиската армија. Во рамките на договорот, Русија ќе воспостави центар за сервисирање и ремонт на овие системи во Индија.

Комитетот за владина безбедност, предводен од премиерот Нарендра Моди, исто така планира да одобри модернизација на 84 авиони Су-30МКИ, кои ќе добијат радарски системи и оружја со голем дострел. Индиските воздухопловни сили располагаат со 259 авиони Су-30МКИ од руско производство. Иако модернизацијата ќе ја спроведуваат домашни капацитети, руската страна ќе има одредена улога, наведуваат изворите на „Тајмс ов Индија“.

Во 2018 година Индија склучи договор вреден 5,43 милијарди долари за купување пет дивизии системи С-400.

Весникот додава дека Индија се обидува да го задржи балансот меѓу традиционалниот снабдувач Русија и администрацијата на претседателот Доналд Трамп, која настојува да воведува казнени мерки против земји што купуваат руски енергенси и оружје. Во последните 15 години САД склучиле договори со Индија во областа на одбраната во вредност од 26 милијарди долари. 

Маркетинг
Маркетинг
Ad 1
Ad 1